fbpx
Вести

Тутунарите можат да здивнат, нема веќе бели картони и бирократски процедури

Тутунарите се задоволни од новиот закон, бидејќи во него се содржани нивните барања да нема евидентни листови и полагањето за проценители да не биде електронски, туку да се врати претходниот, стар начин

Со новиот Законот за тутун се укинуваат евидентните листови или т.н. бели картони. Тоа значи дека тутунарите ќе можат да склучуваат договори директно со откупните компании кои, пак, ги преземаат бирократските формалности. Откупувачите ќе бидат должни евиденцијата на катастарските парцели, површините и склучените договори со производителите да ги поднесуваат електронски до Министерството за земјоделство.
На овој начин како што објаснуваат од Министерството, ќе се овозможи поголема контрола, зашто штом се влегува во електронски систем, тоа директно ќе влијае врз поголема автономија на производителите и нивниот статус, а со тоа и на бројот на склучени договори, односно нивно зголемување.
Договорите за откуп се склучуваат најдоцна до 31 март во тековната година. Мострите мора да бидат верифицирани и заверени најдоцна до 15 ноември, а откупувачот е должен да истакне заверени мостри пред почетокот на откупот во просториите за откуп. Освен овие измени кои се однесуваат на поедноставување на бирократските процедури за тутунарите новина е што првпат се регулира прометот со тутунските производи, но и со електронските цигари, се зајакнува контролата на состојките и адитивите во цигарите, а се ограничува и продажбата на пакувањата со помалку од 20 цигари.
Од Стопанската комора на Македонија очекуваат дека новиот закон ќе овозможи подетален и потранспарентен откуп со прецизни услови и документација, навремено обезбедување сертифициран семенски материјал, репроматеријали, авансирано производство, заштита од болести, штетници и плевели, подобра организираност и усогласеност со ЕУ регулативите.
Тутунарите се задоволни од новиот закон, бидејќи во него се содржани нивните барања да нема евидентни листови и полагањето за проценители да не биде електронски, туку да се врати претходниот, стар начин.
Согласно законот, производителите се должни да употребуваат сертифициран семенски материјал од откупувачите на тутун, обезбеден од регистриран снабдувач на семенски материјал. Откупувачот е должен семенскиот материјал да го обезбеди без надоместок на тутунопроизводителите, најдоцна до 31 март во тековната година. Производителот, пак, е обврзан целокупниот произведен тутун да го продаде на откупувачот со кој склучил писмен договор за производство и откуп на тутун. Откупувачот е должен да го откупи под условите предвидени со договорот.
Во законот се предвидени казни од 20.000 евра во денарска противвредност за прекршок на правното лице ако не употребува семенски материјал обезбеден од регистриран снабдувач. Казни се предвидени и ако се произведува тутун без да се склучи договор за производство и откуп со откупувач што не е регистриран.
Последниот Закон за тутун е донесен во март 2006 година и досега претрпел 12 измени.
Тутунопроизводството е едно од ретките гранки во земјоделството каде што целото производството е строго регулирано со закон поради огромното значење кое го има. Од тутунот годишно државата остварува по околу 100 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува околу 30 илјади семејства.

 


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close