вестиМакедонијаТоп вести

Тутунопроизводителите оваа сезона очекуваат убав род

Во тек е бербата на тутунот во Пелагонија. Врнежите придонесоа за добар раст и квалитет на тутунот, производителите се надеваат на богат род

 

Тргнавме на пат низ Пелагонија. Додека сонцето малку по малку излегуваше од зад ридот, сончевите зраци навестуваа дека ќе има топол сончев ден. По полето како во мравјалник. Додека не фатиле жештините вредните земјоделци се обидуваа да сработат што повеќе. Некој ја наводнува нивата, некој бере тутун, а некој брза да го собере последното зрно жито. Пелагонија никогаш не била поубава. На околу сè е зелено, се жолтеат само шапките на сончогледите и му пркосат на ветрето барајќи ги сончевите зраци. Жетвата на житото скоро готова. Сезона е на тутун берење и застанавме во Новачко поле покрај нива посадена со  тутун. И тој што не се разбира од земјоделие ќе сфати дека тутунот добро напредува. Таму начекавме  поголема група луѓе тутуно берачи.

Ги поздравивме со „Аирлија да е денот“ ,на што тие возвратија и брзо продолжија со нивната работа, да соберат што е можно повеќе тутун додека не се вжештило. Поразговаравме со  домаќинот Сашо Бошевски кој цел живот се занимава со  и живее од земјоделие. Тутунот и житариците се основните култури на кои е посветено целото семејство. Тутунот го има посадено на 6 декари. Задоволен од ланската реколта, од цената и субвенциите  одлучил оваа година да посади декар повеќе.

-Моментално тутунот е во одлична кондиција. Заврна дожд во вистинско време. Овде нема систем за наводнување и ако не заврнеше ќе немаше сега што да береме, ќе беше катастрофа. Добро е, има тутун и очекувам од оваа реколта да произведам од 1,8 – два тони тутун. Ама овде и земјата е јака, еве овде втора година со ред садиме тутун, вели Сашо Бошевски. Моментално тутунот најмногу се исплати, додава тој.

Тутунот ја сметаат за најтешка култура за одгледување. И покрај тоа што на некој начин им е олеснета работата, бидејќи машински се сади и се нижи, сепак бербата се врши рачно, лист по лист за што им е потребна работна сила. Затоа старите велат „повеќе раце се блосоени“ оти полесно ќе ја завршат  бербата која воопшто не е лесна. На нивата беше и најстариот член на семејството таткото  на Сашо, Богоја Бошевски за ,како што вели, да им помогне на децата колку што може. Тој е задолжен за нижењето на тутунот кое се врши машински. Тутунот што се бере се става во касети кои  понатаму одат за нижење.

-Не можам со ним да работам, не можам да ги стигнам, ама колку што можам помагам. Ќе направам некое „низалче“ додека другите берат тутун. Тешко е ама не како некогаш, вака организирано со повеќе души е полесно, вели 76 годишниот Богоја. Да не беше машината овој тутун ќе требаше цел ден да се нижи со игли за да се направат низи, додава тој. Горд е на своите синови кои веќе 30 години ортачки работат и се сложуваат.

Велат дека тутунот бара повеќе работа,  а помалку зборување затоа ги оставивме на рает да си работат. Продолживме кон Горно Агларци. И таму покрај нива паркиран трактор Тафе на кој е приклучена машина за нижење тутун. Славе Димовски го нижеше тутунот, а сопругата береше.

 

-Годинава заврна дожд и сега е полесно. Супер е има што да бериме. И ланската година беше добра, задоволни сме. Очекуваме и оваа сезона да биде добра. Ако продолжи вака очекувам да соберам околу 2,5 тони тутун. Берењето е најтешко. Работиме само јас и жена ми, немаме друга помош, рече Славе користејќи го секој момент што може повеќе да наниже.

Слично беше и на други места низ Пелагонија. Како што одминуваше времето забележавме како тутуноберачите се враќаат во своите домови. Она што следеше е обесување на низите на скелињата за сушење. А потоа… потоа  малку одмор и секој продолжува со своите обврски. Кој низ дома, кој со стока, кој повторно на нива или пак на некоја друга работа, на кој како му се посреќило.

Павлина Јовановска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close