вестиРурална ЖенаТоп вести

Весна Василева-Со зорт се печалат парите на лозарите

Како и сите лозари во Тиквешијата и Василева ги споделува истите проблеми, на ниски откупни цени на грозјето, кои се потценувачки за трудот, маката и трошоците што се вложени во севкупниот производствен процес.

Тиквешки Регион

Весна Василева (44) од кавадаречкото село Возарци, е жена земјоделец, столб на земјоделското стопанство. Таа е регистриран земјоделец чија примарна дејност е земјоделието, од тоа егзистира нејзиното семејство, од тоа со својот сопруг Сашко ги подигнале и школуваат и своите три ќерки.

Приказната за Весна како жена земјоделец трае повеќе од 24 години, од кога се занимава со лозаропроизводство. Таа досега преку владините програми успеала да набави со 50 проценти учество трактор Тафе од „Синпекс“ Битола.

Како и сите лозари во Тиквешијата и нашата земјоделка ги споделува истите проблеми, на ниски откупни цени на грозјето, кои се потценувачки за трудот, маката и трошоците што се вложени во севкупниот производствен процес. Но за себе вели дека и покрај тешкотиите сака се да биде средено во домот,  семејството и на нивите.

-Многу тешко се живее од лозарството, со зорт се печалат парите. Ако чекаш  само на грозјето ќе умреш за леб. Ова е една од најтешките земјоделски гранки по многу нешта, откупните цени се многу ниски, за бадијала го предаваме грозјето, а трошоците се големи. Иако има откуп, состојбите севкупно се тешки и се провлекуваат од година во година. Државата треба да преземи мерки и да им помогне на лозарите, да стави рака на лозаропроизводство, да не се повторуваат проблемите, вели Весна во разговор за „Зелена берза“.

Семејството Василеви обработува 3 хектари под лозови насади и 2 декари оранжерии под домати и во текот на зимата марула.

Годишно произведуваат 60 тони грозје и 18 тони домати.

-Годинава произведовме 40 тони смедеревка, откупот ни е во винарницата „Тиквеш“, но цената е понижувачка, катастрофална. Грозјето е многу евтино, само 6,5 денари за килограм, барем да беше колку лани, 9 денари за килограм. Ама тоа е, има многу грозје на понуда. Ваквите цени не ти даваат волја да работиш и да сработиш. Од откупот на хамбург (14 денари за кг) и темјаника (20 денари за кг) сме задоволни, бидејќи се работеше за специјална берба. Но накрај кога се ќе собереш и ќе пресметаш ситуацијата  е лоша, се пожали Весна.

Бербата на грозјето е најтешкиот период за лозарите, уште повеќе заради немањето на работна рака.

-Периодот на берба на грозјето е стресен за нас, аргати нема. Бербата е 10 дена, па тешко е да се најде и да се најми аргат, особено по отворањето на големите фабрики во Тиквешијата младите не доаѓаат на нивите, па останува средовечни и повозрасни жени да ангажираме. Нашите работници сепак се луѓе од доверба, и кога не сум на лозје со нив, тие ќе ја завршат работата. Ама и ние работиме цела фамилија, па понекогаш велам дека и ние сме аргати на сопствениот имот, само што не знаеме кога ќе ни се исплати грозјето, раскажува Весна.

Според неа далеку поисплатливо е производството на раноградинарски култури под фолија иако самиот процес бара голем ангажман.

-Оранжериското производство има иднина, годинава посадивме домати (јабучар)  и добро ги пласиравме по 40 денари за килограм. Од тоа сме задоволни, се исплати и трудот и ангажманот, а ни помагаат и децата. Ако не беа оранжериите тешко дека ќе излезевме на крај со трошоците за лозјето. Значи едното производство го покриваме со другото, вели таа.

Ангажирана целосно со земјоделието, Весна вели дека не и останува време за други активности, таа од неодамна е член на Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“ и со тоа корисник на Зелена агро картичка.

-Работата на лозјето, семејството и домот не ми оставаат време за дружење или за членување во женски организации на земјоделци или пак да се ангажирам во невладини организации. Едноставно, ова што го работам ме исполнува, а сакам и домот да ми е среден, па секој слободен момент го користам толку за тоа, а сега станав и баба од најстарата ќерка, па двојна е радоста во домот, ни рече Весна.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close