fbpx
ВестиТоп вести

Ветерниот парк Богданци ќе се проширува со поголеми и помоќни турбини

Богданци

 

 

АД Електрани на Македонија потпиша два договори за консултантски услуги поврзани со реализацијата на втората фаза од изградбата на Паркот на ветерни електрани Богданци.

 

Течат подготовките за изградба на уште четири ветерни турбини во ветерниот парк кај Богданци, за кои се очекува да почнат со производство до крајот на 2020 година.

Ветерниот парк Богданци во моментот работи со 16 турбини, a во втората фаза, која сега се спроведува, ќе биде проширен со уште 4 турбини, со поголема моќност од постоечките.

Ветерната електрана од сегашните 36,8 MW инсталирана моќност, ќе биде заокружена на проектирана моќност од 50 MW, информираат од ЕСМ.

Со тоа се отвора патот до целосно завршување на проектот Парк на ветерни електрани Богданци, кој е значаен од повеќе причини.

Генералниот директор на АД Електрани на Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, во Богданци порача дека тамошниот ветерен парк ќе се проширува со поголеми и помоќни турбини.

-Со поголеми и помоќни турбини ќе го зголемиме нашето производство на електрична енергија од обновливи извори – рече Ковачевски.

Генералниот директор на АД ЕСМ м-р Васко Ковачевски и овластената претставничка на конзорциумот Фихтнер – Германија/Геинг – Северна Македонија, Елена Чекулаева, на 26.09.2019 година потпишаа два договори за консултантски услуги поврзани со реализацијата на втората фаза од изградбата на Паркот на ветерни електрани Богданци. Едниот договор во износ од 164.312,50 евра се однесува на консултантски услуги за подготвителни работи со кои се предвидува ажурирање на Студијата за заштита на животна средина, како и спроведување на геолошки и геотехнички истраги. Поголем дел од средствата за овој договор ќе бидат покриени со грант средства од Германската KfW Банка во висина од 162.900 евра. Другиот договор во износ од 985.192,50 евра се однесува на консултантски услуги за проектирање, подготовка на тендерска документација и надзор на изведба на работите, велат од ЕСМ за „Зелена берза“.

Паркот на ветерни електрани (ПВЕ) Богданци – втора фаза, која ја најави Ковачевски при неодамнешната посета на овој капацитет, ќе се состои од 4 ветерни турбини, секоја со номинална моќност од 3 до 4 MW. Со овој зафат, ќе се зголеми инсталираната моќност на АД ЕСМ од обновливи извори за 13,2 MW и годишно производство од дополнителни 37 GWh, доволни за снабдување со електрична енергија на околу 6.000 домаќинства.  Со реализација на втората фаза целосно се заокружува проектот Парк на ветерни електрани Богданци на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh.

-Со новите ветерни турбини ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија од АД ЕСМ за околу 3%. Република Северна Македонија има обврски кон Европската Унија за исполнување на целите за 20% производство од обновливи извори во енергетскиот биланс, цел која е поставена и поддржана од сите релевантни институции. Заштедите на емисијата на CO2  се проценуваат на околу 35.000 t/годишно, велат од АД ЕСМ,

Ветерниот парк Богданци во моментот работи со 16 турбини

Парк на ветерни електрани Богданци, познат и како Ветропарк Богданци започна со градба во мај 2013 година и беше завршен за нешто помалку од една година, во февруари 2014 година.

Ветропаркот Богданци се наоѓа крај гратчето Богданци, на ридот Ранавец, кое се издига над градот  и зафаќа површина од 29 хектари.

Првата фаза на проектот заврши со целосното подигнување и комплетирање на сите 16 предвидени ветерници во февруари 2014 година, додека во март 2014 година течеа активностите за нивно поврзување со електропреносната мрежа на МЕПСО. По поврзувањето следуваше пробен период во кој се испитуваше нивното работење и проверка на целокупната техничка опрема, по што капацитетот влезе во редовно производство.

Во текот на март 2014 година беше  завршена и потребната инфраструктура и придружни објекти на ветропаркот, како што е патната инфраструктура, приклучување на новиот далновод, командната зграда и 20/110-киловолтната трафостаница.

 

А.Б

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close