fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

ЗК Пелагонија ги нападна битолските судии, работеле со двојни аршини

ЗК „Пелагонија“ тврди дека е необјасниво зошто судот во Битола ја одблокирал сметката на „Стрежево“ во „експресен рок од само 30 минути“. Од судот ги отфрлаат ваквите обвинувања

БИТОЛА – Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ на бизнисменот Цветан Панделески продолжува да се жали во јавноста за тоа што не успеа да ја блокира сметката на ЈП „Стрежево“ во Битола, кое му должи неисплатена камата од 26 милиони денари по добиен судски спор откако претходно експресно му беа исплатени 1 милион евра од државната сметка.

Комбинатот на Панделески прво се прикажа како „жртва“ на игнорантскиот однос на директорот на „Стрежево“, а сега и на битолските судии.

Комбинатот денеска излезе со обвинување упатено на адреса на Основниот суд Битола, па се жали за двојни стандарди на судот и правна несигурност, па алудира на брзината на одлучувањето на Судот за овој предмет „во експресен рок од само 30 минути“.

Од Основниот суд во Битола во изјава за „Независен“ му возвратија на ЗК „Пелагонија“ дека кажува паушални работи и непримерно се однесува. Судот е дециден дека „се работи за предмет од итна природа во кој судот е должен да постапи без одлагање“.

Откако на 1 август Комбинатот на Панделески го блокираше ЈП „Стрежево“ за неисплатени пари од судски спор, и откако Основниот суд во Битола донесе решение извршувањето да се одложи за 90 дена, земјоделскиот комбинат во два наврати преку соопштенија за јавноста се жали околу настанатата ситуација.

Во денешното соопштение ЗК „Пелагонија“ отворено го критикува судството.

„ЗК ‘Пелагонија’ трпи штети од двојните стандарди на Основниот суд Битола. Работата на најголемиот производител на пченица, што е стратешки производ во Македонија, е попречена од одлуката на Основниот суд Битола. Ова е уште еден случај што сведочи за недостаток на правна сигурност што го турка ЗК ‘Пелагонија’ во загуби“, реагираа од комбинатот.

Од ЗК „Пелагонија“ ваквите тврдења ги темелат споредбено, на искуство со Основниот суд во Битола, појаснувајќи дека во 2019 година, кога сметката на ЗК „Пелагонија“ заради неплаќање на услугите кон „Стрежево“ била блокирана, судот дозволил извршување на средства повеќе од 60 дена. Тогаш Основниот суд Битола не го прифатил нивното барање за одлагање на извршувањето и покрај тоа што биле во фаза на сеидбата на пченица.

„Нејасно е како истиот суд денес, во 2023 година, постапува сосема обратно од неговата одлука во 2019 година и носи одлука со која го прифаќа барањето за одложување на извршувањето на ЈП ‘Стрежево’ кон ЗК ‘Пелагонија’ и тоа во експресен рок од само 30 минути“, и прашуваат -„која е методологијата на проценка на Основниот суд во Битола, и покрај правосилните пресуди во корист на ЗК ‘Пелагонија’ и по вторпат носи одлука со која се нанесува директна штета на најголемиот производител на храна во Македонија.“

Од Основниот суд во Битола велат дека не е точно дека било одлучено за 30 минути за одлагањето на блокирањето на сметката на државното претпријатие „Стрежево“, бидејќи извршувањето било поднесено на 3 август, а решението на судот е донесено следниот ден.

„Со одлагањето на извршувањето доверителот ЗК ‘Пелагонија’ не трпи штета бидејќи главниот долг по пресудата е платен во целост од ЈП ‘Стрежево’ , а во оваа постапка се спроведува извршување само на дел од каматата. После истекот на рокот од 90 дена, за колку што е одложено извршувањето, тоа ќе продолжи и доверителот ќе биде намирен во целост. Крајното решение со кое е одложено извршувањето не е правосилно и против него ЗК ‘Пелагонија’ има жалба до Апелацискиот суд во Битола. Несвојствени се квалификациите дека Основниот суд во Битола има двојни аршини во постапувањето и тие се отфрлаат како паушални и непримерни од страна на Судот“, стои во одговорот на Основниот суд во Битола испратен до „Независен“.

Проблемот помеѓу ЗК „Пелагонија“ и „Стрежево“ е од 2015 година, кога во февруари се појави големо свлечиште на главниот канал кај селото Драгарино и нивите на комбинатот останаа речиси без вода а родот имаше голема штета. По основ на овој судски спор „Стрежево“ досега му исплати на комбинатот 1 милиони евра, 19 милиони денари камати и 800 илјади денари судски трошоци. Останаа за доплата 26 милиони денари.https://nezavisen.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close