Во вторник ќе се замрзне цената на лебот – нема да биде над 33 денари, најави Бектеши
Се прават анализи и за тестенините, а за цените на овошјето и зеленчукот се чека предлог од Министерството за земјоделство
Во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари и за белиот и полубелиот леб. Ова е само еден од производите наведени во одлуката на Владата, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Ќе следуваат и нови одлуки за замрзнување на цените. Се прават анализи за тестенините и тие средства ќе се користат за укинување на некои давачки“,
изјави министерот.
Мерката, според Бектеши, ќе важи сè додека е во интерес за граѓаните.
Тој посочи дека цените нема да се зголемат по завршување на мерката, освен ако се зголемат цените на суровините.
За овошјето и зеленчукот, пак, рече дека чекаат предлог од Министерството за земјоделство додека за другите производи посочи оти речиси неделно ќе се прават поединечно анализи за сите производи и ако се увиди дека тоа се злоупотребува тогаш ќе се донесат соодветни одлуки.
Вчера од Министерството за економија доставија предлог до Владата да се укине субвенционираната струја за компаниите што неоправдано не ги намалија цените на основните прехранбени производи.