Водните ресурси   во  неготинско  во лоша еколошка  состојба

Се’ поголемата употреба на хемиски препарати во земјоделското производство негативно влијае врз еколошката состојба со водните ресурси  и воопшто на животната средина. Ова го потврдуваат направените истражувања во Неготино и неготинско. Со цел да се подобри ситуацијата и да се зголеми свесноста  кај населението започна да се спроведува  проектот „Заштита на водните ресурси со намалување на човековото влијание врз животната средина (wa-mbrella).  Во рамки на овој проект беа организирани инфо денови на кој присуствуваа земјоделци  и претставници од надлежни институции поврзани со управување со водните средини и заштитата на животната срдина.

„Земјоделието е корисник на околу 70% од водните ресурси кои што се употребуваат и влијае на многу различни начини,  дали преку употреба на многу заштитни средства,  употреба на  вештачки ѓубрива , неодржливи практики, особено што Неготино е познат лозарски крај каде што се употребуваат доста големи количества на пестициди, каде што се загрозени водните ресурси и подземните води, каде што реките и водотеците не се баш во добра еколошка кондиција и целта наовој настан е токму да ја зголеми свеста на земјоделците и сите заеднички да продискутираме за тоа како да ги подобрат своите начини на производство  и однесувања во однос на одржливо земјоделие“, истакна Ѓоко Зароски експерт за води и биодиверзитет.

Општо земено како и во цела Македонија ситуацијата не е  на завидно ниво бидејќи голем дел од амбалажите на пестицидите се плакнат во водните текови  и   се уште нема направено добри решенија во донос на остатоците од  резидуите   на земјоделските активности, објаснува Зароски.

Водните ресурси  се загрозени не само од земјоделците туку и од индустријата

„Во природата се  е поврзано. Таму нема географски граници. Сета онаа вода што се зема за наводнување доколку е загадена таа ќе навлезе во синџирот на исхрана,  дали преку подземните или површинските води и уште поопасно е што  тешките метали за жал навлегуваат во синџирот на исхрана ( животните  или  растенијата)  и сето тоа нас ни се враќа. Потребна е долгорочна акција која што ќе влијае врз свеста на земјоделците и ќе научат кои се тие одржливи практики што ги бара и ЕУ но најмногу за здравјето на луѓето, бидејќи грозјето е овде  главен извозен продукт, односно тоа е култура од која живее општината.  Но џабе земјоделците ќе бидат културни  кога индустријата на некој начин, како најголем згадувач нема да биде на тоа високо ниво. Потребна е акција и од инспекциските служби кои треба да бараат од тие индустриски капацитети  да ги почитуваат сите оние барања според нивните  „А“  или „Б“ интегрирани еколошки дозволи и да се прават поголеми контроли. Потребно е зголемување на капацитетот на инспекциската служба,  потребна е и голема свест кај  раководителите на тие погони бидејќи сето она што го произведуваат и  загадуваат во желба за поголем профит тоа се одразува и врз здравјето на населението,“ посочува Зароски.

Енергетска заштеда со користење на отпадна биомаса

Во својата презентација Зароски посочи дека животната средина значително би се подобрила доколку правилно се искористат  резидуите што произлегуваат  од земјоделското  производство.  Со просечно годишно  производство од 3 тони лозови прачки по хектар кои се добиваат при кроење  на лозјата, за вкупна површина под лозови насади во општина Неготино од 2542 ха , се добиваат околу 7 626 тони отпадна биомаса. Практичната расположливост на лозови прачки се проценува на 38%. Под претпоставка  дека просечната топлинска моќ на прачките изнесува околу 11,5 МЈ/кг вкупниот енергетски потенцијал содржан во нив би изнесувал 33,35 милиони  МЈ/годишно или тоа би било еквивалентно на 7967 нафта годишно. Со употребата на оваа енергетска биомаса  би можело да се загреваат општината, основните училишта и не само што ќе се зачува животната средина туку и ќе се заштеди на енергенси.

„ Да се  почитуваат сите оние правила кои се однесуваат на добра земјоделска пракса . Да се посетуваат поголем број  вакви обуки и семинари. Земјоделците  да се надградуваат бидејќи сеуште голем број од нив се уште дејствуваат пред некои традиционални  и застарени знаења на пример ,палењето на стрништата, кое што е  катастрофално.   Од една страна се согорува биомаса која е многу полезна и може да се користи за добивање на биоенергија, а од  друга страна предизвикуваат пожари со несогледливи материјални штети. Ова е само еден дел од овој мозаик на неодржливи земјоделски практики и зад кои што останале некои старомодни сфаќања дека најдобар начин да се ослободиме, е или да се фрли во водниот тек или да се согори“ порачува  Ѓоко Зороски.

Проектот „Заштита на водните ресурси со намалување на човековото влјание врз животнта средина“ е финансиран од ЕУ од Програмата за прекугранична соработка  и  го реализира општина Неготино  заедно со партнерска општина  Алмопиа од  Р. Грција .

Павлина Јовановска

Share Button