вестиТоп вести

За две години формирани 35 задруги, кои обработуваат 1.100 хектари земја

Ако сте земјоделец, а немате трактор или комбајн или, пак, сеете жито, а немате кој да го жнее, време е да почнете да размислувате за членство во некоја задруга. Не само што ќе можете да го користите тракторот на соседот, туку и поевтино може да ви го ожнее житото другиот член во задругата. Официјалните податоци велат дека за две години се евидентирани дури 35 земјоделски задруги, од кои седум се големи. Сите заедно обработуваат над 1.100 хектари обработлива површина. Дел задруги се насочени кон производство на мед, а има и такви што одгледуваат крави или се здружуваат за полесно одгледување кози или овци.

za dve godini formirani 35 zadrugi koi obrabotuvaat 1100 hektari zemja

 

Регистрација за субвенции

– Во нашиот регистар на земјоделски задруги досега се запишани 35 задруги, од кои 7 се од голем обем, а преостанатите 28 се од мал обем. Сите тие се со вкупен капацитет од околу 1.100 хектари обработлива површина, 260 пчелни семејства, 450 грла говеда, 200 кози и 250 овци – велат во ресорот.

Експертите велат дека кај нас задругарство е се уште далеку од концептот на вистинско, модерно и ефикасно здружување. Земјоделците и понатаму гледаат на него со недоверба зашто мислат дека, како во минатото, ќе им бидат одземени имотите. Помладите генерации, сепак, ги сфаќаат придобивките од заедничкото дејствање – поголемо и поквалитетно производство, постигнување повисока цена и набавка на поевтини репроматеријали и механизација.

– Реално, сеуште сме на самиот почеток на развојот на концептот на ефикасно, модерно задругарство, кое треба да ги направи земјоделците вистински фактор во вертикалниот ланец на вредноста и да им овозможи да го заземат местото што им припаѓа – велат во ресорот. За задругите годинава се обезбедени 2,1 милиона денари поддршка.

Дел од парите е предвидено да искористат за поддржување инвестиции за основање и функционирање на задругите и набавка на механизација со 90 отсто од вкупната вредност и за осигурување на производството.

Kористење европски пари

Согласно националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014 – 2020 година, освен на финансиска поддршка, особено внимание се посветува и на надминување на слабостите што го кочат процесот на здружување.

– Ќе се отстранат правните и административните бариери за формирање и успешно функционирање на задругите, особено во делот на фискалната сфера, ќе се обезбеди советодавна поддршка и ќе биде воспоставен постојан систем за обука на менаџери на задругите – велат во Министерството.

Поддршка ќе биде обезбедена и за формирање повисоки форми на задруги – групи или организации на производители со позначително учество на пазарот, како и преку ИПАРД 2-проектот вреден 1,8 милион евра, кој треба да се реализира в година. Светските искуства покажуваат дека задругарството е и најбрз начин за окрупнување на парцелите.

Во најголем дел аграрни земји на нив се заснова аграрот. Придонесуваат за одржлив развој, а економската придобивка е загарантирана.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close