fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Прашањето за маржите можна тема на седницата на Владата денес

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски очекува на денешната владина седница да биде отворено и прашањето за маржите – дали тие и натаму ќе останат замрзнати или мерката ќе биде укината.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски очекува на денешната владина седница да биде отворено и прашањето за маржите – дали тие и натаму ќе останат замрзнати или мерката ќе биде укината.

Тој не кажа дали се можни нови поскапувања доколку утре бидат одмрзнати цените на основните производи, туку ги упати новинарите за ова да побараат одговор во Министерството за економија.

-Маржите досега беа ограничени, но денеска има владина седница на која јас и останатите министри ќе имаме повеќе информации, па ќе можеме да и ги соопштиме на јавноста. Веројатно ќе се отвори и ова прашање зашто е од интерес на граѓаните. Верувам дека ќе има повеќе информации денеска, прво околу мерката, но и околу состојбата на терен со маркетите, рече Николовски.

Тој уште еднаш потсети дека Министерството за економија е надлежно и се грижи за цените, ограничувањата и маржите, но и за тоа дали законски постапуваат маркетите и дистрибутерите на храна.

-Во однос на евентуалното трупање залихи во маркетите, Министерството за економија ги има тие ингеренции и верувам дека ќе информира, но и дека се преземаат сите мерки преку инспекторатите и останатите надлежни институции. Наша обврска е да се грижиме за домашното производство, да нема недостиг на храна, подвлече Николовски.

Министерот додаде дека се во постојан контакт со преработувачите.

-Разговараме како да го зголемиме производството на домашна суровина. Догодина очекуваме до 10 000 тони сончоглед, односно двојно поголемо производство и откуп. Не гледам проблем во производството и дистрибуцијата, се стабилизира тој дел на обезбедување залихи масло за јадење. Нашите политики се да има доволно земјоделски и стратешки производи и мерките даваат резултат, нагласи министерот за земјоделство.

Според него, 18 000 хектари земјиште им се става на располагање на земјоделците, денеска има електронско наддавање, а интересот е три пати поголем од досегашниот во последните три децении.

-Огромен е и интересот за користење мерки преку Интервентниот фонд. Граѓаните не треба да се грижат за земјоделското производство и за обезбедувањето доволно храна, потенцира Николовски во изјавата пред Собранието каде претпладнево апелира до пратениците едногласно да ги донесат измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кој на над 20 000 тутунопроизводители треба да им бидат исплатени 1,3 милијарди денари.

За да се ублажи шокот од драстичното зголемување на цените кај лебот, брашното и маслото за јадење, Владата на предлог на Министерството за економија, донесе Одлука со која се определува највисоката трговска маржа до пет отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 проценти на продажната цена во трговија на мало како посебен услов во трговијата. Оваа мерка се однесува на: леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 и 3,5 отсто, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица и овошје и зеленчук.

Одлуката почна да се применува од 1 март 2022 година, а треба да трае до денеска, 31 мај. Целта беше, како што објасни тогаш министерот за економија Крешник Бектеши, да се ограничи растот на цените во следните три месеци.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска излезе со предлог ДДВ за прехранбени производи да не се плаќа, а за горивата да биде пет проценти до крај на годината. 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close