fbpx
Агро бизнисВестиМакедонија

Со авионско засејување ќе се заштитуваат земјоделските посеви од град

Средствата во висина од 60 милиони денари се обезбедени преку Програмата за рурален развој на МЗШВ.

Со авионско засејување со сребрен јодит годинава ќе се заштитуваат земјоделските посеви од град. Авионското засејување ќе се прави со три авиони од аероклубот „Скопје” чија понуда била избрана за најповолна на тендерот што го објави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Средствата во висина од 60 милиони денари се обезбедени преку Програмата за рурален развој на МЗШВ.

– Новина е тоа што наместо два, на располагање ќе бидат три летала, со што се очекува да се постигне подобра покриеност на целата територија и ќе се зголеми можноста за делување во повеќе региони кои истовремено се зафатени од појава на град, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.

Овој метод на заштита е воведен за првпат минатата година и според направената анализа на Управата за хидрометеоролошки работи се покажал како успешен. Анализата покажала дека лани имало натпросечен број на денови со нестабилна облачност при што се испалени вкупно 1.083 палки или 433 килограми реагенс за време од 180 часа лет на авионите.

– Не можеме да го игнорираме фактот дека климата се менува на целата земјина топка. Тоа е процес кој трае и кој ќе продолжи во иднина согласно сите научни истражувања. Токму затоа како Министерство преземаме чекори за заштита на земјоделските посеви. Авионското засејување е само еден чекор од стратегијата, истакна Хоџа.

Овој начин на заштита е еден од најсовремените и се смета за безбедна метода што ја користат многу други држави.

– Реагенсот што се користи е истиот што долги години се користеше во системот за градобијна заштита. Според истражувањата на терен градобијниот систем е помалку ефективен бидејќи реагенсот не секогаш влегува во нестабилната воздушна маса, додека со авионското засејување на градоносните облаци авионот доаѓа во близина на ваков облаци и самите струи на облакот го вовлекуваат реагенсот во облакот, појасни директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Костадин Ацевски.

Во просек во земјава се иплаќаат по три ипол милиони евра годишно за штети настанати од временски непогоди.https://kanal5.com.mk/so-avionsko-zasejuvanje-kje-se-zashtituvaat-zemjodelskite-posevi-od-grad/a470389

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close