Започна исплатата на тутунот

Тутунарите се пред банките за да си ги подигнат парите од сработеното. Очекуваат добра цена поради високиот квалитет на родот. Од земјоделскиот инспекторат велат дека откупот се одвива непречено. Досега се преземени 1.000 тони по просечна цена од 200 денари за килограм.

Започна  исплатата на тутунот од годинашнава реколта. Прилепскиот Тутунски комбинат, „Сокотаб“ од Битола, фирмата „Пашоски“ веќе ги префрлија парите на сметките на тутунарите. Тие се пред банките да си го валоризираат трудот.

Прилепскиот комбинат исплаќа од првиот ден на откупот на 16-ти ноември и ќе продолжи континуирано. Освен градскиот ги отвори и 20-те пуниктови во населените места. Се очекува деновиве исплатата да ја почнат и другите откупувачи.

Според Земјоделскиот инспекторат, откупот во земјава се одвива непречено. Од почетокот на кампањата, 15 ноември, се преземени 1.000 тони од годинашниве преку 22.000 тони квалитетен род, по просечна цена од 200 денари за килограм.

Откупуваат седум од девет компании, а крајниот рок е 15-ти декември.

Share Button