Засега нема европска суспензија на ИПАРД 3 Програмата, туку дополнителни контроли на исплатените средства
„На Комитет за следење на ИПАРД 3 Програмата, од страна на претставниците од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската Комисија беше соопштено дека ќе предложат дополнителни контроли за веќе исплатени предмети, а кои се потпишани од претходниот директор (Илија Стоилев). Тоа значи дека нашето времено запирање на исплата е само потврдено од нивна страна и може да доведе до пролонгирање на исплатите или одлагање на исплатите од третиот квартал на реализирани договори. Во ниту еден момент не беше спомнато дека е донесена одлука од страна на Европската Комисија за суспензија“, потврди директорката на Платежната агенција Даниела Иротова за „Зелена берза“.
Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската Комисија ќе продолжи да го „чешла“ скандалот со ИПАРД 3 програмата во делот на исплатените средства. Ова значи дека засега нема европска суспензија на Програмата. Оваа информација за „Независен“ ја потврдува новата директорка на Платежната агенција Даниела Иротова, по преземањето на функцијата.
Најновите моменти околу скандалот со корупцијата во ИПАРД 3 Програмата за кој во притвор се неколкумина службеници од МЗШВ и УЈП како и сега поранешниот директор на Платежната агенција Илија Стоилев (фатен со обележани пари), и натаму се во фокусот на интерес на фирми и земјоделски стопанства од државата кои зеле и требало да земат средства од оваа програма каде поддршка е од Европската Унија.
Она што е проблематичен момент за корисниците на програмата е блокираниот процес, односно пролонгирањето на исплатите.
Минатата недела, во четвртокот, се одржа средба на Комитетот за следење на ИПАРД 3 Програмата на која лично присуствуваше и директорката на Платежната агенција Иротова.
„На Комитет за следење на ИПАРД 3 Програмата, од страна на претставниците од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската Комисија беше соопштено дека ќе предложат дополнителни контроли за веќе исплатени предмети, а кои се потпишани од претходниот директор (Илија Стоилев). Тоа значи дека нашето времено запирање на исплата е само потврдено од нивна страна и може да доведе до пролонгирање на исплатите или одлагање на исплатите од третиот квартал на реализирани договори. Во ниту еден момент не беше спомнато дека е донесена одлука од страна на Европската Комисија за суспензија“, потврди директорката на Платежната агенција Даниела Иротова за https://nezavisen.mk/brisel-vrshi-istraga-na-isplatenite-sredstva-od-programata-ipard-3/
Всушност извори блиски до медиумот брифираа дека на Комитетот за следење на ИПАРД 3 Програмата, од страна на претставниците од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската Комисија било соопштено дека е донесена одлука од страна на Европската Комисија за суспензија на исплатите на европските средства за земјоделство и рурален развој за Македонија.
Испративме прашање до Делегацијата на Европската Унија во Скопје, но засега нема одговор на нашето прашање.
Целосната сума на ИПАРД 3 Програмата изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национални средства. Периодот за имплементација започнат 2023 година трае до 31.12.2030.
По разоткривањето на скандалот со митото во кое е вмешан и екс директорот Стоилев, Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди, побара да се стопираат исплатите од ИПАРД 3 Програмата.
НОА постапи за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба.
Стопирана е исплатата на петнаесет корисници на ИПАРД 3 Програмата во износ од 400 илјади евра, потврдија во ноември по избивањето на скандалот официјално од Министерството за финансии за „Зелена берза“.
Всушност одлуката за времен прекин на исплата на средствата од ИПА/ ИПАРД програмата значи дека во овој момент Платежната агенција не смее да презема финансиски импликации односно „не смее да се склучуваат нови договори и да се вршат исплати за веќе склучени договори“, кажаа од МФ.
„Сите барања за исплата со рок за исплата до 31.12.2025 година се исплатени, освен 15 корисници за кои треба да се исплатат околу 400.000 евра, кои се одобрени од страна на Агенцијата, но поради новонастаната ситуација тие не се доставени до МФ на исплата. Во рамките на АФПЗРР процесите на работа продолжуваат, односно се обработуваат пристигнатите апликации и барања за плаќања, а истите ќе бидат процесирани при повлекување на суспензијата“, одговорија од МФ.
Вчера министерот за земјоделие Цветан Трипуновски објави дека европската поддршка за македонското земјоделие не запира.
Трипуновски кажа дека потпишал договорот за доделување директен грант со Делегацијата на ЕУ, финансиран од ИПА 3 програмата за 2021 година. Средствата се вложуваат во мали системи за наводнување во Сопот и Новаци и ќе овозможат флексибилно и ефикасно наводнување, особено во оддалечените области.
„Со овој договор обезбедуваме грант за проектот ‘Изградба на мали, нискотрошковни, еколошки системи за наводнување во Сопот и Новаци’, со вредност од 4,1 милиони евра – европски средства и национално кофинансирање од 1,5 милиони евра. Официјално, проектот започнува на 30 јануари 2026 година.
Со ваков вид на проекти директно придонесуваме за зголемување на продуктивноста во земјоделството, одржливо управување со водата и прилагодување кон климатските промени, во согласност со целите на ЕУ и Европскиот зелен договор“, објави министерот Трипуновски.
Пет лица се под истрага и во притвор за поткуп и примање мито за случајот поврзан со распределба на европски пари од ИПАРД програмата, неповратна помош што Европската унија ја доделува за македонското земјоделство. Првоосомничен е тој што го дал поткупот за да добие средства од ИПАРД 3, или појасно кажано правното лице, тројца вработени службеници во МЗШВ и УЈП се посредници на кривичното дело, додека директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, е осомничен за примање поткуп-ветување во износ од високи 50.000 евра.
Анета Блажевска






