fbpx
ВестиТоп вести

Заштита на јаболчестите и коскестите овошни видови во текот на зимскиот и рано пролетниот период

 

Зимскиот период т.е. периодот на мирување на овошните видови се користи за резидба и заштита од болести и штетници.

Заштитата се изведува со примена на хемиски и мехaнички мерки. Механичките мерки особено се погодни за помалите овоштарници и тие опфаќаат: чистење на стеблото од гнездо со гасеници, остранување на заразените и нападнатите растителни делови, собирање и спалување на растителните остатоци. Со овие мерки се одстрануваат жариштата од болести и штетници кои претставуваат сериозен инфективен потенцијал за примарни зарази. Во хемиските мерки за заштита се применуваат фунгициди и инсектициди за сузбивање на болестите и штетниците. Голем број на болести и штетници презимуваат под кората, во пукнатините од стеблото и гранките, па со зимското третирање се сузбиваат нивните презимувачки форми. Ова мерка се врши кога времето е суво, топло и температурата на воздухот во моментот на третирање е над 5 0C, во текот на периодот на мирување или на почеток од вегетација со будење на пупките.

Јаболко и Круша

Заеднички штетници за овие два овошни видови се: лисните вошки, штитестите вошки, црвениот овошен пајак и други. Лисните вошки презимуваат во стадиум на јајце, кое на ластарите изгледа како црна точка. Штитестите вошки презимуваат под своите штитови кои имаат сивкаста боја и се наоѓаат на стеблото, скелетните гранки или на пукнатините од кората. Јаболковата крвава вошка повеќе е штетник кај јаболкото одколку кај крушата. На гранките и младите родни гранки таа предизвикува рак рани, поради кои истите се сушат. Во најголем дел презимува во добро заштитени и недостапни делови од самата овошка. Црвениот овошен пајак презимува во облик на зимски јајца кои обично се наоѓаат околу самите пупки или во пределот на разгранување на младите гранчина. Зимското третирање дава одлични резултати во сузбивањето на презимувачките форми на овие штетници. Причинителот на чадлива дамкавост на листовите краставост на плодовите од јаболка и круши е еден од економски најзначајните патогени во земјоделското производство не само кај нас туку и на глобално ниво. Овој патоген презимува на заразените паднати листови под стеблото, кои претставуваат огромен инфективен потенцијал за примарни зарази, рано на пролет т.е. на почеток од вегетацијата. Поради овие причини задолжително е веднаш по извршената резидба на овошките или на почеток на отворање на пупките примена на бакарни фунгициди.

Праска, Нектарина, Цреша, Вишна и Слива

Кај овие коскести овошни видови исто како кај јаболкото и крушата се јавуваат : лисните вошки, штитестите вошки и двоточкастото пајаче. Од болестите економски најзначајни се причинителот на кадравост на листовите кај праската и нектарината и монилиозните заболувања на цветовите и плодовите.

Со цел намалување на инфективниот потенцијал на голем број економски значајни болести и штетници кај јаболчестите и коскестите овошни видови се препорачува примена на Бело масло (Агросал Биопротект) во доза од 10 – 15L/haво комбинација со бакарен фунгицид во облик на бакар хидроксид (Funguran OH 50 WP; Copernico Hi Bio во доза од 3 kg/ha). Доколку во насадот има голема инфестација особено од штитести вошки се препорачува во комбинација со горе наведените средтсва, да се додаде и добро познатиот инсектицид Reldan 22 ECво доза од 3 L/haили Harpun(инсектицид регулатор на порастот на инсектите)во доза од 1 L/ha. Доколку не постои можност еден од овие два инсектициди може да се примени и на почеток на отворање на пупките.

 

Изработил:

м-р Петковски Ефтим

(Докторант на Факултет за Земјоделски науки и храна – Скопје)

Хемомак Пестициди ДООЕЛ Велес

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close