Земјоделците се жалат на ниска откупна цена на доматите

(Oвој напис е објавен на: June 12, 2018)

Земјоделци од струмичко се жалат на ниската откупна цена на доматите.

Од седми јуни велат дека има рапиден пад на откупната цена кој денеска изнесувала 10 денари што е дури и половина од трошокот што го имаат за да произведат килограм домати.

Велат дека го информирале министерот за земјоделство за состојбата и добиле уверување дека тимови ќе излезат на терен.

„Дека цените рапидно паднаа, дека пазарот е пренатрупан, побарувачката е намалена, извоз нема и цените на доматите се денеска 10 денари. Во Добрејци, Пиперево и просениково доматите не се берени цела недела. Луѓето чекаат подобра цена. Бараме нормална цена бидејќи нас доматите не чинат 20 денари, бараме нормална цена од 25 денари и услови за живот и егзистенција“, вели Ванчо Митев, од Сојуз на земјоделски здруженија – Струмица.

Според Митев, освен конкуренцијата од соседните земји, проблем прави и непостоењето договорно производство кое според него е услов за лиценцираните откупувачи. Бара инспекторатот да прави поголеми контроли.

„За да добие лиценца трговецот, треба 40 проценти да му е договорено производство. Меѓутоа никој не се јавува, кај нас, кај асоцијациите, кај земјоделците д адоговорат производство, и да почнат со откуп. Сега да тргнете ќе видите дека сите магацини се затворени. А тој треба договорното производство да го откупува. И оттука упатувам апел дека инспекторатот не си ја врши работата“, додава Митев.

Откупувачите во телефонски разговор велат дека откупот на доматите не е сопрен, а откупната цена е 15 денари за килограм. Од министерството за земјоделство истакнуваат дека ќе излезат со став по ова прашање.

Инаку, од 15ти мај  до 10 ти јуни годинава извезени се над 6,1 милиони килограми домати во вредност од над 3,5 милиони евра во десеттина земји, како Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Косово, Словенија и други.

Според статистиката скоро 70 проценти од вкупното производство на домат во Македонија се одгледува во струмичко, каде се засејуваат над 4 илјади хектари под оваа градинарска култура.


 

tv24tv