fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделците не се доволно информирани за влијанијата од нивните активности врз климатските промени

Земјоделците кај нас користат застарени технологии и методи, многу ретко ја практикуваат добрата земјоделска пракса, а голем дел од нив не се ни свесни за тој кодекс кој е задолжителен за оние кои користат субвенции од страна на државата.

Земјоделците во нашата држава не се доволно информирани за влијанијата од нивните активности врз климатските промени и деградацијата на животната средина која ја предизвикуваат. Од суштествено значење и особено потребна е едукација на земјоделците со што ќе се зголеми нивната информираност, како и нивната одговорност кон намалување на влијанијата во насока на поголема заштита на животната средина.

Претседателката на Центарот за климатски промени Бојана Станојевска Пецуровска, осврнувајќи се на оваа проблематика, во изјави за МИА нагласи дека земјоделците кај нас користат застарени технологии и методи, многу ретко ја практикуваат добрата земјоделска пракса, а голем дел од нив не се ни свесни за тој кодекс кој е задолжителен за оние кои користат субвенции од страна на државата.

– Многу мал дел од земјоделците во Северна Македонија прифаќаат нови методи и практики за поефикасно и одржливо земјоделско производство и многу мал број земјоделци користат автоматизирано производство со помош на современа механизација. Исто така, мал е бројот на оние кои практикуваат земјоделско производство без хемиски средства и вештачки ѓубрива за одржување на родот и зголемување на приносот. Поради тоа, неопходно е активно да се промовираат достапните финансиски механизми кои се овозможени од страна на надлежните институции со цел нивна поголема и соодветна искористеност, истакна Станојевска Пецуровска за МИА.

Природните услови во земјава овозможуваат одгледување на повеќето континентални и медитерански култури како и разни сточарски производи. Благодарение на тоа на површините што се обработуваат и на пасиштата отпаѓа околу половина од територијата на државата, додека шумите покриваат 37 проценти. Пченицата е едногодишна култура која најмногу се одгледува, а на помали површини се застапени јачменот, пченката и разновидниот зеленчук. Лозата е главна повеќегодишна култура и покрива речиси 25.000 хектари, а виното, по тутунот, е вториот најважен извозен производ. Иако површините засадени со овошни и јаткасти култури се помали, истите имаат потенцијал во иднина да се зголемат.

– Земјоделството е значајна гранка во економијата на државата и придонесува значајно во бруто домашниот производ. Земјоделскиот сектор, вклучително и вредноста, додадена со преработка на земјоделските производи, учествуваат со 16 проценти во БДП на земјата и обезбедуваат вработување за 36 отсто од работната сила. Истовремено, имајќи предвид дека 42 проценти од населението во земјата живее во рурални области, каде можностите за вработување надвор од фармите се доста ограничени, лесно може да се заклучи дека земјоделскиот сектор е од суштинска важност за благосостојбата на околу половина од населението во земјата, истакна претседателката на ЦКП.

Таа, наведувајќи дел од заклучоците од проектот „Обезбедување на услуги со управување на природни ресурси – Re-source”, кој е имплементиран од Центар за климатски промени, а поддржан од Интерег балканско медитеранската програма на Европска Унија, потенцираше дека важно е да се напомене дека земјоделските активности имаат значајно влијание врз квалитетот на животната средина и тоа главно на водата и почвата поради пестицидите, хербицидите и вештачките ѓубрива кои се користат за зголемување на приносот и одржување на родот на одредени култури.

– Но, освен на квалитетот на водата и почвата, земјоделските активности влијаат и на квалитетот на амбиенталниот воздух, особено поради палење на стрништата, но и во одредена мера поради користење на земјоделска механизација и опрема која работи на фосилни горива, како мазут, нафта и сл., посочи Станојевска Пецуровска.

Претседателката на ЦКП наведе дека земјоделството како сектор влијае врз климатските промени, но истовремено е и под влијание на климатските промени.

– Слична е и состојбата на ниво на ЕУ, која се стреми да ги намали емисиите на стакленички гасови од земјоделството и да го прилагоди својот систем за производство на храна за да се справи со климатските промени. Но, климатските промени се само еден од многуте притисоци врз земјоделството, рече таа.

Соочени со зголемената глобална побарувачка и конкуренција за ресурси, производството и потрошувачката на храна во ЕУ, како што нагласи претседателката на ЦКП, треба да се гледа во поширок контекст, поврзувајќи ги земјоделството, енергијата и безбедноста на храната.

– И не само во поширок контекст, туку да се земе предвид и целиот синџир од производство на храната, нејзино складирање, преработка, пакување, транспорт, подготовка но и нејзино послужување и на крај одложување на остатоците и евентуалниот отпад од пакување. Во секоја фаза, обезбедувањето храна ослободува стакленички гасови во атмосферата. Земјоделството особено ослободува значителни количини на јаглерод диоксид, диазот оксид, но и значителни количества на метан. Метанот се произведува од добитокот поради ентерична ферментација. Исто така, се ослободува и од складираното ѓубриво и органскиот отпад на депониите. Емисиите на диазот оксид се резултат на органски и минерални азотни ѓубрива. Согласно последниот инвентар на стакленички гасови поголемиот дел од емисиите на метан се предизвикуваат од ентерична ферментација, приближно 80-70 проценти, додека управувањето со ѓубриво придонесува со само 18-28 отсто од вкупните емисии на метан, образложи Станојевска Пецуровска.

Таа потенцираше дека со оглед на централната важност на храната во нашите животи, натамошното намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството останува голем предизвик.https://24info.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close