вестиМакедонијаТоп вести

Зија Исмаиловски: Мојата иднина е иднина и на моите деца

(Oвој напис е објавен на: јануари 13, 2020)

Пелагонија, Општина Могила

Зија Исмаиловски: Мојата иднина е иднина и на моите деца

Ако иднината на државата е во рацете на младите, а се знае дека Македонија е земјоделска земја, тогаш треба да се поддржат младите земјоделци кои својата иднина ја гледаат на овие простори.Во време кога државата сѐ повеќе се соочува со иселување на младите луѓе надвор во други странски земји, радува фактот што може да се сретнат успешни приказни на млади луѓе кои сакаат да имаат свој бизнис и да го развиваат токму овде во Македонија.

Зија Исмаиловски од с. Будаково општина Могила е 31 годишен млад земјоделец чија апликација по огласот за млад земјоделец беше успешно прифатена и му донесе финансиска помош од 10 000 евра. Овие средства се неповратни и Зија планира да ги искористи за трактор Тафе и приклучна механизацијашто ќе му биде неопходна во земјоделското производство.

– Не е едноставно да одиш во друга држава и да работиш за плата. Јас овде сум роден и од мал гледав како татко ми работи земјоделие и инвестира во него. Одлучив и јас да одам по неговите стапки така што сега заедно со брат ми Авзи, тројцата заедно водиме фамилијарен бизнис. Мојата и иднината на семејството ја гледам во земјоделието, вели Зија во разговорот со Зелена берза. Имам своја фирма „Зија Агро ДОЕЛ“ и работам 60 ха земја, додава тој.

Пченица, тутун, сончоглед, пченка, бостан се културите што ги одгледуваат. Вели дека земјоделието воопшто не е лесно. Годината што измина ја оценува како добра, но можела да биде и подобра ако откупните цени на културите биле повисоки. Во моментов вака како што стојат работите тутунот е култура број еден, смета Зија. Иако смета дека образованието е многу важно, а неговото  нема допирна точка со земјоделието (завршил средно техничко училиште, отсек металостругар) сепак не се откажал од понатамошно едуцирање. Искуството што го стекнал работејќи покрај неговиот татко Митат многу му помогнало.

-Треба едукација. Земјоделието е наука и не е нешто што ќе го решиш како некоја равенка во математиката или во медицината. Во земјоделието секоја година е различна.Една година имаш едни резултати друга поинакви. Потребно е познавање на работите,не е нешто што се учи еден за еден ден. Мене  многу ми помогна искуството од татко ми, но ги почитувам и применувам советите од стручни лица, вели Зија.

Целото семејство Исмаиловски работи и живее од земјоделие. Свесни се дека е потребно постојано вложување и дека треба да се следи сѐ она што е поврзано со земјоделието. Постојаното усовршување и одењето на семинари и саеми се само дел од обврските што не ги одбегнуваат, а водат сметка и за обновување на механизацијата и набавка на современи машини кои ќе му ја олеснат работата, а и ќе му ги зголемат приходите. Токму затоа финансиската помош што Зија ја доби ќе биде наменета за обнова на механизацијата. Тоа ќе му овозможи и повеќе слободно време.

-За сѐ има време. Кога имаш современа механизација можеш да работиш лесно и да шеташ и да одиш по одмори, најбитна е механизацијата. Но, сепак потребно е државата да ги решава бројните проблеми со кои се соочуваат земјоделците. На пример проблемите околу давање на државно земјоделско земјиште. Во моментов ние заедно обработуваме 400 ха, а можеме 1000, но немаме. Моите врсници позитивно гледаат на она што го работам и тие би инвестирале доколку имаат земја. Земја има, но зошто не ја распределуваат а оние што им е потребна не знам, посочува Зија.

Зија и Авзи се млади земјоделци кои веќе имаат свои семејства. Зија има  два, а Авзи три сина. Се надеваат дека еден ден и нивните синови  ќе продолжат да работат. Не жалат што не заминале некаде на друго место. Планираат и понатаму да вложуваат во своите бизниси, но сметаат дека е потребна помош од државата. Само така младите земјоделци ќе останат овде, свои на своето заедно со своите деца.

-Мојата иднина е иднина и на моите деца.Овде нема индустрија, иднината е во развојот на земјоделието и ги охрабрувам сите млади што не се плашат од работа да ги следат огласите и да аплицираат посебно на оној за кој ќе има неповратни 20 000 евра.Со оваа порака го завршивме разговорот со Зија Исмаиловски и рече дека тука не застанува. Замина во ПЕ МЗШВ во Битола да ги види можностите за земање земјоделско земјиште под концесија.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close