Овоштарите од Преспа се соочуваат со огромни штети

(Oвој напис е објавен на: July 26, 2018)

Последното невреме проследено со пороен дожд и град уништи голем дел од овошките во Преспа. Последица од тоа се уништените овошки кои на некои места се уништени повеќе од 90%. Најпогодени од невремето се селата Јанкоец, Царев двор,сопотско, г. Дупени, асамати, Евла, Раица, Грнчари, Ресен,информира  за Зелена берза Љупчо Поповски претседател на комисијата што прави увид на настанатите штети. До надлежните комисии поднесени се 1592 предмети. Според Поповски од овошките најмногу настрадаа јаболката, дел од крушите и сливите, праските, јагодите. Штети има на насадите со тутун.

„Преспанскиот регион пет пати беше зафатен од невреме: на 9 мај, 17 мај, 2 јуни, 14 јуни и 9 јули, така што штетите се огромни. Три општински комисии работеа на терен од 12 мај до 20 јули. Се работи секојдневно, со засилено темпо околу завршувањето на записниците. Се работи во консултација со владината комисија, вели Поповски.“

Последиците од невремето ќе се одразат и на родот во 2019 година

Некои овоштари ги проценуваат штетите на над десет илјади евра и велат дека е крајно време да се размислува за осигурување на посевите. Овоштарите од Преспа повторно го актуелизираат прашањето за градобијна заштита. Ова што им се случува на овоштарите во Преспа е данокот од глобалното затоплување и промена на климатските услови. Штетите од невремето ќе се одразат и на родот  во 2019 година посочуваат тие.

„Оставени сме на милост и немилост откако е стоипирана градобијната заштита. Прво е градобијната заштита, потоа мрежите, па осигурувањето итн. Економски сме исцрпени“ му се пожалија овоштарите на министерот за земјоделие Љупчо Николовски при неговата посета на овој регион.

Министерството за земјоделство допрва ќе анализира каква заштита од град ќе се воведе, истакна министерот Николовски.

„Работиме од минус 100 за да ги направиме сите истражувања и анализи. Веќе министерството ја прави тендерската, правната постапка заедо со генералниот секретаријат на владата, изјави министерот за земјоделие Љупчо Николовски “.

Колкави се вкупните штети од невремето допрва ќе се знае

По предавањето на документацијата на владината комисија ќе следи проценката и точната сума  на направените штети. Владата на Република Македонија работи на усогласување на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за заштита и спасување, за да се унифицира постапката и да не се формираат повеќе комисии, со цел да се забрзат постапките и да се пратат до владината комисија, која што ќе ја преземе целокупната работа во делот на обештетувањето. Во меѓувреме МЗШВ работи на долгорочна стратегија односно на сет мерки за заштита на земјоделството од временските непогоди предизвикани од климатските промени.

Павлина Јовановска

За Зелена берза

Share Button