fbpx
ВестиТоп вести

Киното и театарот  луксуз за руралната жена

Киното и театарот  луксуз за руралната жена

Во време  кога  во општеството што го живееме се случуваат многу процеси насочени кон подобрување на  општото добро, и кога сè повеќе се говори за родова еднаквост и не дискриминација , руралната жена соочена е со многу предизвици. Зборот дискриминација е многу  познат, но кога се говори  на оваа тема… има  молк. Не се размислува многу, затоа што она  што треба да биде препознаено како дискриминација е нешто многу  „нормално“  всадено во традицијата и менталитетот на живеење. Тоа што по сите дефиниции се смета како дискриминација, руралната жена  без да размислува го прифаќа, а од мали нозе и е всадено во мозокот дека таа е женско и некои работи сакала или не,  не смее да ги менува. Секако дека овде големо влијание има економскиот стандард, но не секогаш парите се услов за подобар живот на жената. Иако законски жената ги има сите права како и мажот, сепак во пракса тоа изгледа малку поинаку. Секоја жена сака биде сакана, почитувана и трудот што секојдневно го вложува да и биде признат. Прифаќањето на состојбите такви какви што се и  помагаат само да издржи во она што го работи, а тоа е опстанокот на семејството.

Албина  Домазетовска од с. Сопотница Демир Хисар, од своите 5 години  одела  на тутун. На почетокот само за друштво да не биде сама нејзината мајка на нива, за со самото растење да работи рамо до рамо со повозрасните членови на семејството. Како што растела, ги учела сите активности,  што и како се работи на нива, паралелно учејќи ги и  моралните норми на однесување што подразбирале дека „утре други ден“ ќе треба да се соочува со многу работа која по некое непишано правило треба да ги извршува само жената, а можеби и повеќе. Ако во денешно време психолозите советуваат кога  човек   има проблем, да се искаже и да говори за тоа, во руралните средини  важи  изреката „Поарно да ме знај куќата отколку цело село“.

Албина родум е од Мренога, а веќе 25 години живее со своето семејство во с. Сопотница. Иако завршила Виша економска школа , сепак целиот нејзин работен стаж е на нивите со тутун, пченка, грав, пченица и др. Регистрирана е како индивидуален земјоделец и  не се жали. Работи од утро до мрак без да размислува за дискриминација или нешто друго и целата енергија ја насочува  да обезбеди подобра егзистенција за себе и  своето семејство. Како успева во тоа? Со добра организација на денот може да се стигне со сè, вели таа.

„Обработуваме над 40 декари земја.  Оваа  година се занимавам исклучиво само тутун, а мала работа грав и пченка. Има работа и мора да има организација. Со сите одам и јас на нива, ама дома  сè е мое. Тутунот е многу мачен. Сепак не е како порано, сега со механизацијата е олеснато. Рачно само се копа и се бери , останатото се работи  машински. Располагаме со  земјоделска и приклучна механизација, но потребно е нивно обновување. Обновата е тешка, сами не можеме, а сите обиди да добиеме нешто по некоја од Програмите, до сега се без успех“, вели за Зелена берза  Албина. Еве што одговори на прашањето: Дали е вреднуван трудот на руралната жена?

„Не знам како да кажам. Сега децата  за сè што ќе сработат однапред се пазарат. Во мое време немаше такво нешто. Работиш со родителите затоа што живееш со нив, тие се грижат за тебе. Кога има потреба нема да те одделат и ќе ти дадат онолку колку што е потребно, а не колку што си сработил. Не одам да работам за дневница за да споредам дали трудот на мажот е повреднуван. Но кога станува збор за обврски, на нива сите работиме, но кога ќе се вратиме дома сите фаќаат кревет и чекаат кога ќе биде готово јадењето. Готвење, чистење и се останато по дома е моја работа. Но ова не го сметам за дискриминација оти се мои. Во летниот период е потешко и станувам рано на утро во 4 часот за на нива. Таму сум до кај 9:30 и потоа продолжувам дома со појадок, суредување, па готвење ручек и потоа пак се навраќам на сложување на тутунот и негово нижење“, вели Албина.

Слободно време има многу малку и  дружење, кафе муабет и други занимации нема. Вели дека никој во семејството не е вработен, немаат постојани примања и затоа мора многу да работи. Време за себе скоро и да нема, а одењето в град  е резервирано само кога има потреба. Во минатото имало кино, ама тоа сега не функционира така што културно забавен живот  нема во селото.

„За мене  има најмалку време. Секогаш треба јас и да пречекам и да испратам. На фризер одам еднаш годишно. Кино и театар се луксуз за жената од село. Овде во Сопотница порано имало кино ама сега нема ништо. Ниту се организира нешто ниту ништо. Нема ништо ни за младите  па камоли за нас. Одењето в град е само кога имаме потреба да испазариме. Единствено славите се тие кога малку ќе одмориме од работата и ќе можеме да се видиме со роднините и пријателите,“ објаснува Албина.

Тогаш кога има малку време гледа телевизија, а сака да прочита и убава книга. Се надева дека оваа година ќе и се исплати трудот околу тутунот и дека ќе добие добра цена бидејќи бил поквалитетен. И покрај сите тешкотии таа е ведра и она што посакува е нејзините деца да имаат подобар живот.

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close