Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

3.403 жени во Пелагонија се регистрирани како индивидуални земјоделки, најголем дел не слушнале за мерките за поддршка на Владата

80% од жените земјоделки не слушнале за мерката 115 која што е исклучиво наменета за поддршка и економско јакнење на жените

84% од жените од руралните средини истакнале дека Ковид пандемијата имала негативен ефект врз нивниот живот и врз економската сигурност. Oд 160 испитаници, мажи и жени, од руралните средини само 28% се изјасниле дека се регистрирани како индивидуални земјоделци, од кои што само 15 се жени! 92% од руралните жени се изјасниле дека не користеле никаква поддршка за надминување на последиците од Ковид-19 пандемијата. Ова се резултатите од последното истражување кое што го реализираше Рурална Коалиција во периодот јануари-март 2021, според кои ова е доказ дека жените земјоделки не се препознаени од системот и се водат како невработени иако работат од 9 до 11 часа на нива или на фарма. Денеска во Прилеп се одржа Женски рурален форум за родови прашања – Како до поголем фонд на средства за развој на земјоделските стопанства предводени од жени, како дел од Рурална женска мартовска кампања „ОД ЖЕНА ЗА ЖЕНА!“ 

„Причината за ваквата состојба е тоа што најголемиот дел од нив се дел од неформалната економија, односно ги нема евидентирани во системот, со оглед на тоа што најголемиот дел од нив се невработени. Кога станува збор за големите земјоделски стопанства најчесто еден е осигуран и тоа мажот или ако станува збор за регистриран земјоделец тоа повторно е мажот. Така што жената останува целосно незаштитена и од системот, кое се увиде и во овој сегмент дека немаа можност да ги користат мерките, а дополнително беше зголемен и психолошкиот притисок што го имаа поради зголемените обврски во домот, во семејството“, кажа Лилјана Јоноски, извршен директор на Рурална Коалиција.

Само во Пелагонија околу 80% од жените земјоделки не слушнале за мерката 115 која што е исклучиво наменета за поддршка и економско јакнење на жените, а има 3.403 жени кои што се регистрирани како индивидуални земјоделки. Исто така руралните жени не користеле ниту една други мерка за поддршка. Од Рурална Коалиција велат ќе одржат повеќе настани за поголема едукација на жените. Кампањата ќе се случува во периодот од 08 до 12 март 2021 година во сите осум плански региони.

„Се однесува конкретно на тоа како жените да добијат поголем дел на средства, кои ќе може да ги добиваат на различни начини за да економски зајакнат, затоа што еден од главните показатели на истражувањето е дека информациите не допираат до нив. Сакаме да го свртиме вниманието дека не само во делот на искористувањето на средства и програми туку кои се формите и начините кои нив ќе им помогнат да зајакнат економски, особено во овој пост ковид период“, додаде Јоноски.

Освен информирањето за користењето на мерките како можност за зајакнување на економската состојба на руралната жена, од Рурална Коалиција за тоа можност гледаат и во формирањето на задруги, систем кој за жал кај нас не заживеал иако бенефитите од него биле големи.

„Освен тоа сепак ќе мора да се работи на здружување на жените, најчесто преку економски форми. Задругарството кај нас некако не заживеа. Тука е најголем економскиот бенефит како може здружено заедничкии да продаваат, а да набавувата репроматеријали и суровинии по доста пониски цени“, кажа Јоноски.

Од Рурална коалиција сметаат дека како помош за жените земјоделки се и новите правилници кои ги донесло Министерството за земјоделство т.н. „Продажба од куќен праг“, но сепак овие податоци требале да бидат многу подостапни до земјоделците.

Дарко Штаргоски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close