
80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија
Од вкупно 268 востановени ловишта во Македонија, во постапка за доделување на користење остануваат уште 21, со што се заокружува системот и се утврдува одговорноста за управувањето и одржувањето на секое ловиште, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на свечената академија во Велес по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија.
Од вкупно 268 востановени ловишта во Македонија, во постапка за доделување на користење остануваат уште 21, со што се заокружува системот и се утврдува одговорноста за управувањето и одржувањето на секое ловиште, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на свечената академија во Велес по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија.
Тој нагласи дека корисниците преземаат конкретни обврски за заштита на дивечот, унапредување на живеалиштата, воспоставување на функционални ловочуварски служби и примена на високи ловностопански и еколошки стандарди.
„Јавно и недвосмислено порачувам дека нема да има компромис со ловокрадството, нелегалната трговија со дивеч и криумчарењето трофеи. Не прифаќаме поединци да остваруваат незаконски профит, а цената да ја плаќаат природата и совесните ловци. Институциите и ловечката заедница ќе дејствуваат заеднички за секоја незаконитост да биде откриена, документирана и санкционирана“, истакна министерот Серафимовски.
Осврнувајќи се на осумдеценискиот јубилеј, министерот Серафимовски ја нагласи улогата на Ловечката федерација како економско-социјален партнер на Министерството во креирањето политики за унапредување на ловството, која, обединувајќи заедница од повеќе од 20.000 ловци, овозможува искуствата од ловиштата да стигнат до институциите, а институционалните решенија да одговараат на реалните состојби во природата.
„Ќе воспоставиме нови партнерства за обновување на живеалиштата, современо следење на дивечот, стручна обука на ловците и ловочуварите, спречување на болестите и развој на одржлив ловен туризам. Искуствата и финансиските инструменти од европските и регионалните програми ќе ги ставаме во функција на подобро уредени ловишта и посилни локални заедници“, порача министерот Серафимовски.
Свечената академија по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија се одржа во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, во присуство на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, претседателот на Федерацијата, Влатко Алексовски, како и претставници на ловечките друштва и здруженија, ловци и ловочувари од целата држава.




