fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Ловџиите ќе останат без ловни терени откако Шара ќе се заштити

Ловечките друштва кои се концесионери на ловните терени на шарпланинското подрачје не се согласуваат Шар Планина да се прогласи за национален парк, без да бидат консултирани од страна на надлежните институциите како што тоа го направи владата, кога даде позитивно светло за прогласување на ова планинско подрачје за заштитено.

Оттаму сметаат дека ако се донесе закон преку кој би се заштитила планината, тогаш сите ловџии кои ловеле, а истовремено ја одржувале бројката на загрозени диви животни на планината, ќе останат без ловните терени, а со тоа ќе се намали бројот на дивечот. 

Стојче Ѓорѓески секретар на ловечкото друштво Љуботен, вели дека и тие како ловџии треба да бидат дел од националниот парк. Без нив ќе има зголемено ловокрадство, а тоа го докажала бројката кога на Шар Планина немало толку ловечки друштва, на планината владеело самоволие.

-Работава е што ние како ловечко друштво многу сме придонеле на пример на ловните терени што ги имаме да имаме зголемен број на дивеч, класичен пример е од 2012 кога сме ги зеле овие ловни терени под концесија. Ние како ловечко друштво што ги имаме терените на пример имавме 150 диви свиње, а сега имаме 450 диви свиње, затоа што ние сме го спречиле ловокрадството, значи ние имаме поголема контрола, вели Стојче Ѓорѓески секретар на ловечкото друштво Љуботен.

Без ловечки друштва, на планината би се формирале државни ловишта, а тоа во минатото се покажа негативно за дивечот на планината.

 

-Формирање на национален парк ќе значи дека ловните терени што ќе ги земе националниот парк ќе станат државни ловишта и нема воопшто да има контрола. Пример е државното ловиште Лешница на Шар Планина, со кое се надевавме дека ќе се зголеми бројот на дивите кози, но сосема обратно дивите кози многу се намалија, велат од ловечкото друштво Љуботен.

Оттаму додаваат дека не се против Шар Планина да биде национален парк, но постапката апелираат требало и треба да биде транспаретна и тие како концесионери да бидат вклучени во тој процес, за да не изгубат ловџии кои дел се вработени како ловџии, но и самиот дивеч кој од година вгодина поради нивната активност се зголемува.

 

Освен од ловните друштва и од Ловечката федерација на Македонија реагираа по објавата дека владата дала зелено светло Шара да биде прогласена за национален парк. Оттаму истакнаа дека штета е што владата одлучува без да бидат консултурани засегнатите страни, а во предвид не се зело и мислењето од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, од каде не се соогласуваат со постапката за прогласување на Шара за национален парк.

-Почитувани концесионери на дивечот во ловиштата,ценети ловци,Владата и Министерството за животна средина му нанесоа силен удар на нашето ловство,со непринципиелното давање позитивно мислење за прогласување на Осоговските планини и Шар планина за заштитени подрачја,наспроти негативното мислење на Министерството за земјоделие,шумарство и водостопанство и наспроти нашите укажувања за сите реперкусии и штетни последици врз ловството,рибарството,бербата на шумски плодови,приватната сеча на дрвја и земјоделието во овие подрачја! Ние нема да застанеме тука,нема да се предадеме,поколебаме и откажеме, истакнаа од Ловечката федерација на Македонија.
Оттаму сметаат дека Македонија има доволно заштитени планини, ако се продолжи вака 50 % од територијата на Македонија ќе биде заштитена и државата ќе остане без ловечката дејност, ловните друштва, а на сметка на тоа ќе се зголеми ловокрадството.
 
 
-Во моментов 8,9% од територијата на целата држава е заштитено подрачје,а со евентуално прогласување на овие планини за заштитени подрачја,сите шуми ќе бидат заштитено подрачје,односно 50% од целата територија на Македонија. Нарачатели на овие проекти се Министерството за животна средина со свои ,,сателити”,така наречени заштитари на природата,а бидејќи се работи за милионски проекти од кои профитираат поединци,јасна е и мотивацијата за спроведување на оваа ,,луда кампања”. . Како за споредба,во моментот од вкупната територија на Бугарија само 5% е заштитено подрачје,Србија 6%,Црна Гора 7% итн, велат од Ловечката федерација на Македонија.
 
За разлика од ловните друштва, екологистите но и невладините организации кои се дел од Платформата Пријателите на Шара ја поздравија одлуката за прогласување на Шара за национален парк, иако како што истакнаа таа е задоцнета, затоа што иницијативата ова подрачје да биде заштитено е стара две децении.
 
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, велат дека согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја во периодов што следи ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации, кои повторно ќе бидат доставени до Владата за усвојување, а потоа ќе следува гласање во Собранието, односно озаконување на заштитената зона на Шара.

 

Шар Планина на страната на Косово  прогласена е за национален парк пред 30 години. Ако се заштити и на македонската страна, овој планински предел би преставувал најголем заштитен појас во Југоисточна Европа.

З.Димовски

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close