Маја Андоновска Илијевски актер-Ме разгалуваа со убаво зготвена храна
Нашата македонска кујна е многу богата и изобилува со вкусни рецепти. За читателите на „Зелена берза“ Андоновска Илијевски сподели рецепт од интересна традиционална македонска салата од модри патлиџани.
Маја Андоновска Илијевски е актер во Битолскиот народен театар, јавноста ја знае по безброј одиграни улоги на матичната сцена, улоги одиграни во серии и по серијалот на македонски народни приказни. Таа е актуелен директор на Центарот за култура во Битола. Актерката за Вкусот на традицијата за „Зелена берза“ го споделува својот омилен рецепт.
-Започнав да готвам после триесеттата година, кога всушност се омажив и добив дете. Морам да признам дека мајка ми секогаш ме разгалуваше со убаво зготвена храна, а на моја среќа и свекрва ми исто, така што најубавите рецепти ги имам земено од нив двете, и кога сум слободна сакам да ги зготвам, вели Андоновска Илијевски.
Ја сакам македонската традиционална храна
-Сега готвам за ќеф, и сакам да експериментирам со различни вкусови, а најчесто за поинакви рецепти истражувам и на интернет. Нашата македонска кујна е многу богата и изобилува со вкусни рецепти, па можам слободно да кажам дека јас ја сакам нашата храна, но исто така сакам да пробувам различни салати, и обожавам италијанска храна. Карантинот го искористив за готвење, и за прв пат си направив и сама роденденска торта, по рецепт од интернет која беше превкусна за јадење, вели Андоновска Илијевски.
За читателите на „Зелена берза“ таа сподели рецепт од една интересна традиционална македонска салата од модри патлиџани.
-Ова е рецепт за летните и жешки денови која според мене комотно заменува и оброк, рецептот многу ми се допаѓа, вели Андоновска Илијевски.
Рецепт:
Салата од модри патлиџани
Состојки:
2-3 модри патлиџани
1 главица кромид
1-2 чешниња лук
маслиново масло
1 лажичка мед
зачини кои ги имате по дома( оригано, босилек)
2 лажици вински оцет
свеж магдонос
потпечени бадеми
Подготовка:
Модрите патлиџани добро се мијат, и ситно се сечкаат на коцки, се посолуваат и се оставаат 20 минути да отстојат. Потоа се пржат на маслиново масло додека не фатат коричка. Потоа на патлиџаните им се додава и половина главица кромид, исечена на кругови и се пропржува заедно неколку минути. Во сад на страна се меша оцетот, медот, сок од половина лимон, лукчето, и сето тоа се додава во тавчето во кое се пржат модрите патлиџани. Кога е се готово, се додава свежиот магдонос и бадемите, се промешува и се трга од оган.
Спремно за сервирање се додава другата половина од кромидот ситно исечкана, и салатата е подготвена за јадење.
На здравје!
А.Блажевска