fbpx
Агро бизнисВестиРурален туризамТоп вести

Владе Чагорски – градител на манастирот „Св.Спас“ во Црнобуки

Кога сонот стана јаве!

Владе Чагорски е млад човек од пелагониското село Црнобуки кој има исклучителна „мисија“ да го изгради манастирот „Св. Спас“ на ридот над Црнобуки. Градбата е почната од пред 6 години, црквата е изградена и сега се работи на собирање на нови донации за поставување на иконостас и фрескоживопис.

Владе пред 13 години го сонил првиот сон во кој, како што вели, светец од него побарал да му подигне дом. Цели седум години иако го сонувал истиот сон никому не кажувал се до 2015 година кога на своите соселани им раскажал за светието и заедно одлучиле да го подигнат манастирот. Во разговор за Зелена берза, 28 годишниот Владе вели дека е благодарен на своите соселани, мештаните на Црнобуки, благодарен на граѓаните, верници од сите градови и од дијаспората кои несебично помогнаа да се подигне светиот дом, да се изгради манастирот посветен на Христовото вознесение, Ден на Спасителот или во народот познат како Спасовден.

-Пред 13 години почнав да го сонувам сонот и да не кажувам никому. Цели седум години молчев и си таев во себе. Сонот беше видение, ми идеше светија на кој не му гледав лик, ама ме молеше домот да му го изградам. На местото на манастирот имаше една круша, која подоцна се исуши и откако кажав кај мештаните за сонот таму најпрво подигнавме параклис. После тоа почнавме да го градиме манастирот заедно со месното население и сум многу благодарен зашто го градиме тимски, другарски. Имаме голема слога и со Божја помош го изградиме овој преубав манастир. Така сонот стана јаве, а сега го уредуваме и внатре за да се комплетира, раскажува Владе Чагорски за Зелена берза.

Манастирот засега не е осветен, но е признат од МПЦ како манастир во градба, доаѓа свештеник за кревање на лепче, само не држи служба. Владе секој ден е во манастирот кој од неговата куќа е оддалечен околу 1,5 км.

-Наутро се искачувам до манастирот, пешачам околу 30 минути. Во лето сум пократко време присутен заради горештините, ама во есен и пролет седам и подолго. За мене ќе ви потврдат и повозрасните жители на селото дека од рано детство одам по црквите, а уште како осумгодишно момче помагав во храмовите „Св. Димитрија“ и „Св. Атанасиј“ во селото. Кога го сонив сонот во видението ми се појави светецот и ми кажа ќе се берите во овој дом на Вознесение Христово, тоа е 40 дена после Велигден. Сега манастирот е посетен и доаѓаат верници од Битола, Штип, Пробиштип, Кочани, Прилеп, Скопје, Тетово, од секаде, раскажува Владе.

Како ретко кое село, Црнобуки е живо село каде во последните години живеат околу 290 жители од кои четириесетина се деца.

-Нашето село живее со многу деца, иако како и на други места има иселување и старее населението. Мештаните работат пченка, пченица, градинарство. Има и фарми со овци. Главно жителите егзистираат од земјоделие иако добар дел се вработени и по фабриките во околните градови.

 

Црнобуки село со голема историја

Црнобуки е пелагониско село кое се наоѓа на стратешка позиција на само неколку километри пред Битола, помеѓу двете патни артерии кон Демир Хисар и Прилеп. Селските ниви се распослани кон утробите на Пелагониската Котлина до „прилепското џаде“ кај месноста Петилеб, а на другата страна над црквата се ридовите кои од памтивек селаните ги викаат Градиште. Од кај Лисолај, село со најубавото битолско грозје, земјен пат се искачува кон височините. Таму под самиот врв, во сува рида, зад едно големо дрво, од стените извира кладенецот Самовилец, кој никогаш не пресушил. Кон долината на Шемница распослан е големиот рид Стари Град. На самиот врв има две пештери. Најстарите фамилии во селото се од Макаловци, Белокозовци, Брдаровци и другите црнобучки семејства кои раскажуваат дека таму биле стационирани војските од Правата светска војна.

Од памтивек по нивите и селските дворови, селаните од Црнобуки наоѓале разни предмети од античко време: ќупови, амфори, мермерни предмети и монети. Децата си играле со тие предмети. Никој не помислувал дека тоа се скриените камчиња на еден голем мозаик, што по половина век и подоцна, ќе ги создаде дилемите, дека тука се крие колевката на последниот македонски цар Персеј и дека во утробите на Стари Град се крие царството Персеида.

-Селската чешма, која се напојува со изворска вода близу црквата, ја преместивме малку погоре од патот. Тука го поставивме мермерниот мозаичен камен, кој е пронајден во нивите и е од прастаро време. Сакавме да ја украсиме чешмата и симболично да потсетува за преданијата што со векови се плетат за ова место, велат мештаните.

Археолошко наоѓалиште во Црнобуки има многу, тие претставуваат населби од римско време.

-Варварица-некропола од доцноантичко време; Градиште-населба од хеленистичко и доцноантичко време; Гулев Рид-населба од римско време; Самовилец-населба од железно време; Тумба-населба од неолитско и бакарно време и други.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close