fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Зоран Тодоровски-„На тацна“ им ги носиме производите други да заработуваат

Земјоделците од тетовско се враќаат на производство на традиционалните производи.

Зоран Тодоровски 38 годишен земјоделец од тетовското село Жилче, е еден од ретките земјоделци од ова населено место. Тој заедно со неговиот брат Томислав од вкупно 46 декари земјоделска површина која ја поседуваат, обработуваат 36 декари, главно со три земјоделски култури-пченица, аронија и лешник, но со насадите од аронија и лешник, веќе сакаат да се збогуваат.

Аронијата и лешникот го засадиле пред десет години, кога кај земјоделците преовладуваше една еуфорија дека со овие алтернативни земјоделски производи ќе се помрдне работата од мртва точка. Зоран раскажува дека тогаш се најавувале некои фабрики за сокови, каде ќе може да се продава аронијата, а лешникот да го пласираат без проблем, наводно како баран производ. Но, од тоа ништо, се присетува Зоран. Првата година вели имало продажба, но на домашниот пазар, а потоа се тргнало надолу. Вели дека вложил за овие два производи околу 35.000 евра, а сега веќе планира да ги искорне насадите.

Нема достапен опис

-Не се исплаќа, треба да платам човек за аронијата да ја крои, да ја одржува, да се испрска, тоа доста чини и сега за аронија и лешник вложувам годишно до 1.500 евра, ама некогаш на крај и не добивам ништо и затоа ќе ги корнам. Аронијата има род, ама нема откуп, треба да платиш некој да ти ја собере. Имам 900 корења, а за килограм собрана аронија даваат 20 денари. За лешникот те уценуваат прекупци, за не скршен, необработен, ти велат од 80 до 100 денари да му го продадеш. Ние вложивме  35.000 евра за лешникот и аронијата, систем капка по капка, цела нива под најлон, ограда, бушотини за вода, струја да се донесе и сега се тоа падна во вода. Првата година пред десет години кога ги засадивме имаше продажба на домашниот пазар, а сега ништо од тоа. Значи никако не се проби на пазарот, аронијата не ја бараат. Еден сакаше да направи фабрика за сокови, ама ништо од тоа. Без еден систем, или ланец да го наречам, каде ние ќе произведуваме, некој ќе ни го откупи и на крај ќе се произведе на пример сок од аронија, е од тоа нема ништо, затоа нема ни земјоделие, вели Тодоровски.

Поради ваквата состојба голем дел од земјоделците веќе се враќаат на традиционалните земјоделски култури, додава тој, но и таму е лоша состојбата. Можеби тука со откупот е малку подобро, но земјоделците како и секогаш се ставени во незавидна ситуација. Тие го носат производот како „на тацна“, вложуваат доста за да го произведат и на крај од нивната мака некој друг се богати, смета нашиот земјоделец.

-Пак земјоделците ќе се вратат на традиционалните производи, на пример грав, пченка, пченица, ама и таму е лоша состојбата, на пример 8 денари за килограм пченица даваат. Ние со пченица ќе останеме, ама еве во разговор со брат ми, вели и таа ќе престанеме да ја работиме и таа е скапа да ја произведеш. На пример, за еден декар жниеење комбајн ти зема 1.200 денари, горивото е екстремно поскапено, не се исплаќа. Имаш садење, треба да се изора, да се ожнее, а имам 25 декари засадено со оваа култура и на крај колку јас треба да вложам, за да продадам еден килограм за мизерна цена од 8 денари, критикува Тодоровски.

Поради ваквата состојба, не само младите, туку општо луѓето се откажуваат од земјоделието. Порано чуваа крави речиси цело село, сега има до десет семејства кои чуваат стока во селото Жилче, додава Тодоровски.

Жилче се наоѓа во Општина Јегуновце, Долни Полог, на 12 километри североисточно од градот Тетово. Се работи за рамничарско село кое се наоѓа на надморска височина од 416 метри. Селото има мал атар – 4,9 квадратни километри. Најголем дел од површината е обработливо земјиште.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close