вестиТоп вести

Ако има рај, рајот е во Мислешево

Во денешно време реткост е да се слушне млад човек што со задоволство работи  земјоделие. Бранко Дамјановски од с. Мислешево  струшко  е еден од ретките млади земјоделци што својата и иднината на своето семејство одлучил да ја гради во своето родно место. Кога бил средношколец, а требало да одлучи што и како понатаму ( а состојбата во државата не биле розова), побарал совет од својот татко.

„Јас имам само ниви, ако работиш ќе имаш“, се потсетува Бранко на советот од татко му. Продолжил да го работи она со што цел живот се занимавало неговото семејство. Како што објаснува за Зелена берза, почнале со малку земјоделска површина, за од година во година да растат, да се шират и да набавуваат се’ што им е потребно за процесот на производство да си го олеснат.

„Моментално обработувам 20 ха земја. Бидејќи имам фарма со крави поголем дел од нив е под луцерка, а останатите се со пченка и пченица. Од страна механизација имам скоро се’. Располагам  со два трактори, еден помал и уште еден поголем, комбајн и останата приклучна механизација. Целокупниот род е исклучиво за домашни потреби бидејќи имам и фарма со крави. Оваа година беше добра и се произведе екстра храна, но нема кој да ја купи, цели бали сено стојат на нива нема кој да ги купи, вели Бранко. В година планирам  површините со житни култури да ги намалам, бидејќи не се исплаќа, цената е многу ниска“, додава тој.

Вели дека с. Мислешево располага со   2946 ха обработливо земјиште и дека целото е обработено. Населението се занимава претежно со земјоделство. Во тоа место има 5-6 млади фармери кои ја обработуваат земјата и цела  за потребите на своите фарми.

„Местото е мало, но има услови. Оваа година успеавме да произведеме  6-7 тони пченка во зрно, без наводнување. За разлика од останатите региони во државата, каде има недостиг на вода, овде Мислешево ги има сите услови за работа. Ако има рај на земјата, рајот е во Мислешево, вели Бранко.

 

Мислешево е рај за оние што работат. За оние што не сакаат земјоделие, приказната води до прекуокеанските земји. Само минатата година од ова место се иселиле 12 машки деца, кои својата иднина ја побарале во Австралија, Америка и други земји. Младите си заминуваат барајќи полесна работа. Земјоделците се соочуваат со слични проблеми како и во останатите делови од земјава.

Се соочуваат со недостиг на работна рака. Земјоделците се сложни и си помагаат едни со други кога можат, но недостигот од работна рака го чувствуваат сите. Ако порано ангажирале аргати од Албанија за 1500ден. дневница, сега не може да најдат работници ниту за 2000ден. Треба да почнат подготовките за есенската сеидба и ќе треба да се бара  некое чаре, бидејќи  голем дел од сламата е по нивите.   

Бранко вели дека секоја помош е добредојдена. За субвенциите вели дека се добредојдени.

 

 

„Не се којзнае што субвенциите ама бериќат. Ако правилно се искористат и со домаќинско работење може да се купи семе и нафта, производот останува во ќар. Не верувавме за зелената нафта, ама бев и онаа нафта што ми ја определија ја зедов со зелената картичка. Колку е толку е, и тоа е добро. Можеби в година ќе има повеќе,“ зборува со надеж Бранко.

 

И покрај сите проблеми сепак својата иднина ја гледа во земјоделството и не би заминал на друго место.  Вели ќе биде среќен во иднина да го одржува она што го стекнал до сега, уште повеќе ако некој го наследи во неговата работа. Во очекување е на резултатите од Националната програма, по која аплицирал за нов трактор John Deere. Фармата со 15 крави би сакал да ја прошири, но ако има услови за тоа ќе го стори, ако не ќе продолжи вака како што е.. Има одлична соработка со млекара Лабрадор кои секојдневно му го откупуваат и редовно му го плаќале.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close