вестиТоп вести

Бабовски: Очекувам успешната приказна со ИПАРД да продолжи и во 2020 година

Годинава имавме квалитетен род на земјоделските производи, цените беа добри во споредба со претходните години и немаше вишоци што позитивно се одрази и на цените на големо и на мало, вели Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој,објавува Вечер прес.

-Досега исплативме вкупно над 324 милиони евра за субвенции во земјоделството. Преку објавените повици од ИПАРД 2 програмата, успеавме да реализираме над 1.355 договори по сите мерки со вкупна вредност од 31.5 милиони евра. Искористивме 39,5% од вкупно расположливите средства од петтата компонента на ИПА, а тоа се ИПАРД средствата кои се наменети за развој на секторот земјоделство. Само што заврши рокот за доставување на барања за добивање на средства од Мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ и тука интересот за реализација на инвестиции е огромен, вели Бабовски.

Тој информираше дека во тек е и најавата за нов повик за Мерка 3, каде треба да се пријавуваат преработувачките капацитети, односно, „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“. До крај на месецов, ќе се објави и повик за оваа мерка. Интересот е голем, очекуваме нов број на барања со што практично ќе се повлечат нови средства од оние кои ни се предвидени и мора да кажам дека во изминатиот период направивме сè за расположливите средства да стигнат во агросекторот.

Кога сме кај парите, тој вели дека преку Програмата за рурален развој, се инвестирани 38 милиони евра за реализација на капитални инвестиции во општините кои се од витално значење за граѓаните.

Во следната година Бабовски очекува пред сè да имаме плодна и успешна година и најавува нови повици по сите програми.

-Годината ќе ја почнеме со нов повик за ИПАРД, Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“. Мерката е наменета за индивидуалните земјоделци и унапредување на нивните стопанства.

Ќе бидам нескромен, но ќе кажам дека очекувам уште поголем број на апликации за искористување на средства преку ИПАРД програмата. Планот е да стигнеме до максималната сума на искористени средства од оние кои ни се на располагање преку ИПАРД 2 програмата. Со тоа, практично како и оваа и наредната година ќе влееме нов, свеж капитал во домашниот агросектор, ќе обезбедиме отворање на нови работни места, ќе овозможиме додавање на додадена вредност на домашното земјоделско производство, објаснува директорот на Платежната агенција.

Тој додава дека и наредната, како и оваа година акцентот ќе биде ставена на реализација на капитални инвестиции во општините, а ќе продолжат и поттикнувачките мерки за окрупнување на земјоделските површини, здружување во кооперативи, како и зголемување на домашното земјоделско производство.

Извор:Вечерпрес

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close