Бабовски: Направивме успешна ИПАРД-приказна
Субвенциите не се тресат од ракав, туку се даваат според строго контролирани правила и услови. Земјоделците мора конечно да сфатат дека овие пари, чиј обем воопшто не е за потценување, се за реинвестиција, за осовременување и развој на стопанствата, порачува директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, во интервју за МИА.
Оценува дека земјава конечно направи успешна ИПАРД-приказна и ако до скоро се случуваше во Агенцијата да пристигне по некое празно барање, само со печат и потпис, или се чекаше и по 1,5 година за „средување“ на апликациите, сега се склучува договор за помалку од шест месеци. Се исфилтрираа оние што вистински сакаат да дојдат до европските пари и да вложат.
Директоре, каква беше реализацијата на средствата во 2019 година? Задоволни ли сте од постигнатиот резултат и што покажува теренот? Евидентни ли се ефектите во практика?
Кога ќе ги сумираме сите три програми – директни плаќања, рурален развој и аквакултура, можеме да кажеме дека реализацијата на програмата за поддршка во 2019 година е преку 99 отсто, приближно на ниво на 2018-та, кога беше 99,67 проценти. Ова покажува дека како институција сме една од најдобрите пет во државата според реализација на буџетот.
Годината заврши со исплатени средства по сите мерки, и од растително и од сточарско производство. Секако, остануваат оние кај кои има одредени проблеми. Најлесно е да издадете решение за да одбиете некого поради евентуална техничка работа. Се трудиме многу како Агенција и тоа ни одзема највеќе енергија, да исправиме нечија грешка при аплицирањето. Всушност, тоа е многу тешко, некогаш и неизводливо. Онаму каде што аплицирањето е електронско, системот се затвора и не знам кој е тој јунак што потоа може да влезе во софтверот за да прави некакви измени.
Секој апликант при електронското поднесување барање добива и печатен примерок. Наместо да го фрли некаде во ќош, нека го прочита за да види дали во апликацијата тој или лицето кое му помагало напаравиле некаква грешка. Ако да, во наредните 30 дена од денот на аплицирањето може да ја поправат без никакви штетни последици.
Целото интервју може да го прочитате на следниот ЛИНК.