
Белото злато со најниски приноси во последните две децении
Просечните приноси ориз потфрлија за една третина и се околу 4.000 килограми оризова арпа од хектар, а последен пат пониски биле во 1997 година, кога изнесувале само 3.600 килограми
Со околу 2.000 килограми оризова арпа од хектар помалку во однос на просечните приноси во минатите години, деновиве заврши жетвата на оризот. Оваа култура во последните неколку години се сее на околу 5.000 хектари, од кои повеќе од 85 отсто се во Кочанско, во општините Кочани, Чешиново-Облешево и во Зрновци. Дека годинашната жетва ќе потфрли се стравуваше уште кога во почетокот на октомври првите комбајни влегоа на оризовите ниви, но, сепак, многумина се надеваа дека можеби со текот на жетвата резултатите ќе се подобрат. За жал, не испадна така, па, наместо 30.000 килограми арпа, или околу 15.000 тони лупен бел ориз, собрани се околу една третина помалку. Ова, според податоците, е жетва со најниски приноси во последните 19 години, во 1997 биле регистрирани просечни приноси од само 3.600 килограми оризова арпа од хектар. Во кочанската подрачна единица на Министерството за земјоделство велат дека просечниот род годинава бил околу 4.000 килограми од хектар.
Ќе следуваат анализи за причините, а упатените првично велат дека веројатно се работи за комбинација на повеќе фактори – хидрометеоролошка состојба, недоволна примена на агротехнички мерки, несоодветни хемиски препарати, несоодветно користење семенски материјали…
Покрај ниските приноси, оризопроиводителите уште од минатата реколта се на големи маки и со ниските цени и со откупот, па нагласуваат дека и покрај субвенциите од државата, оризот повторно, како и пред една деценија станува неисплатлив за производство и дека размислуваат за намалување на површините. Пред неколку месеци килограм арпа се продавал и по 10-12 денари, сега цената била нешто повисока, но откупот одел многу тешко, се вршел од малку откупно-преработувачки капацитети, во кои уште со откупувала арпа и од ланската реколта. Тешко одело и со извозот, поради неповолните берзански цени во изминатите месеци.
Надлежните се надеваат дека состојбата наскоро ќе се подобри. Нагласуваат дека поради традицијата, секој оризопроиводител тешко се откажува од оризот, па досега никој не пријавил дека ќе се откаже или ќе ги намали површините, а и со планот на „Водостопанство“ од Кочани за наводнување за следната година не било предвидено намалување на површините со ориз.
„Во општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци има 16 отупно-преработувачки фирми, од кои во моментот, откупот се врши во три. Килограм оризова арпа, во зависност од квалитетот, се откупува од 18 до 22 денари, повисока цена постигнуваат веќе традиционалните италијански сорти, а пониски новите турски. Очекуваме од декември и јануари цените полека да се зголемуваат. Засега немаме прецизни сознанија колкав е рандманот (процент на добиениот бел ориз од арпата) од годинашната жетва, зашто преработката е на почеток“, вели Јордан Димитров, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани.