fbpx
Без категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Блерим Бесими-Успешен земјоделец мора да менаџира од производство до продажба

Бесими дипломирал на факултетот за Јавна администрација и политички науки и е магистер од областa на дипломатијата. Засега не е реализиран според образованието, но затоа пак целосно е посветен на земјоделието на своите овоштарници со јаболка и модри сливи во Преспанскиот регион.

 

 Преспа- Блерим Бесими (35) е млад земјоделец од Горна Бела Црква во Преспа, со завршен факултет за Јавна администрација и политички науки и магистер од областa на дипломатијата. Овој млад човек зборува албански, македонски, турски, англиски, француски и српски јазик. Засега не е реализиран според образование, но затоа пак целосно е посветен на земјоделието, на своите овоштарници со јаболка и модри сливи во Преспанскиот регион. Тој потекнува од стара земјоделска фамилија во Преспа, покрај овоштарниците со јаболка и сливи во план е да насади нови површини со ореви, лешници и малини.

Блерим, кој е исклучително вреден и трудољубив млад човек категорично вели дека и да се вработи според професијата земјоделието нема да го напушти.

-Мене ми е задоволство да се занимавам со земјоделие, бидејќи потекнувам од земјоделско семејство од дедо, прадедо биле земјоделци, и би сакал и мојот син Фаик  да се занимава со земјоделие. Моето образование семејството го финансираше со средства од земјоделието. И еден ден кога јас ќе се вработам според професијата и натаму ќе се занимавам со земјоделие, вели Бесими во разговор за „Зелена берза“.

Потребна е едукација со која би се допрело до свеста на младите земјоделци

Секој еден млад земјоделец за да биде успешен мора да го следи во континуитет процесот од производство до продажба смета Бесими, со став дека државата треба да направи многу повеќе за да ги задржи младите на село и да ги мотивира да ја обработуваат земјата и да произведуваат храна.

-Државата мора да изгради стратегија за младите земјоделци, да работат со мотивација, да им биде задоволство и работата да им биде што попрофесионална. Се уште не сум аплицирал за мерките од ИПАРД програмата и Млад земјоделец, но досегашните мерки за млад земјоделец не се доволни, а и критериумите треба да бидат помеки, за да можат да ги исполнат младите земјоделци, смета овој млад земјоделец.

Бесими покрај понудата од трговците за пласман на јаболката и самиот бара странски пазари за пласирање на родот. Произведува јаболка од сортите ајдаред, златен и црвен делишес, мучо, јанаголд, грени смит, фуџи, пинк лејди и гала. Постојано ги прати состојбите во регионот, односно земјите конкурентни на Македонија за извоз на јаболка.

-Еве, минатата година пласирав наши преспански јаболка и на европски познат пазар како што е Норвешка. Моето производство се најде и во други земји, како Босна, Романија, Русија, Косово, Египет, Бугарија и на домашниот пазар. За да извезувам мора да внимавам на почитување на стандардите на прскање на јаболката. Мора овошките да бидат прскани со т.н препарати и ѓубрива по регулатива Green list, раскажува Бесими.

Во моментов Бесими работи над 3 хектари под овоштарници со јаболка и половина хектар под модра слива од сортата стенли. Од година во година вели дека приносите се различни поради климатските промени.

-Планирам во иднина да го зголемам моето производство со одгледување на други култури, со производство на орев, лешник и малини на површина од над 2 хектари, вели младиот овоштар.

Година многу делови на Преспа беа погодени од пролетен мраз, а овоштарите бројат штети, така е и со овоштарниците на Бесими.

-Пролетниот мраз ни нанесе штети на родот. Оваа година очекуваме намалени приноси токму заради мразот. Квалитет ќе има, но ќе имаме и последици. Пилот проектот за авионско засејување на облаците се покажа како многу успешен и дава позитивни резултати, рече Бесими.

Осигурено производство за успешен бизнис

Тој не пропушта да ги осигура секоја година своите овоштарници, зошто како што вели од нив зависи егзистенцијата на семејството.

-Овоштарниците секоја година ми се осигурени од пролетен мраз и од град, а во тоа секако голема помош е и субвенцијата од државата со платени 60% од полисата. Бидејќи целиот мој годишен приход зависи од земјоделието за да опстоиме и да сме безбедни мора да се осигуриме, вели тој.

Бесими на крај со мотивирачка порака до младите земјоделци да бидат едуцирани и да ги следат современите трендови на производство на храна.

-Се повеќе млади да се занимаваат со земјоделие, да се едуцираат и нивните  производи да бидат со квалитет според бараните европски стандарди, зашто мора да работиме професионално за да имаме поквалитетен земјоделски производ. За да си успешен произведувач мора да се менаџира целата ситуација од производство, па се до продажба, вели Бесими во пораката до младите земјоделци.

Анета Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close