Долговите на земјоделците ќе се пребиваат од субвенциите

(Oвој напис е објавен на: February 27, 2017)

Функционира моделот на пребивање на долговите од субвенциите за земјоделците должници кон државата. Од 2015-та година, со законот за земјоделство и рурален развој, се дава можност тие долгови да бидат пребивани, со тоа што го имаат земјоделците како право на субвенција, што го очекуваат од Агенцијата – вели Билјана Вуковиќ, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

dolgovite na zemjodelcite kje se prebivaat od subvenciite

 

-„Заклучно со 30 јуни треба да завршиме и со пребивањата. Досега ги подесувавме системите софтверски, бидејки се работи за една активност за која се бара поголема прецизност. Се работи по различни основи на долгови, прво се гледаат долговите кон Агенцијата, потоа последователно за закупнина водарина и пашарина и за тракторите од јапонска помош, па доколку има некој остаток, да се исплати спрема земјоделското стопанство. Таа активност ќе ја комплетираме, односно завршиме до крајот на јуни. Добро е тоа што со можноста за пребивање не се губи правото на субвенции”, вели Вуковиќ.

Земјоделците во штипско и карбинско најмногу и должат на државата за водарина. Според информациите од водостопанското претпријатие „Брегалница” од Кочани, станува збор за долг од 13 милиони денари до 2015-та година, без водните заедници. Но, долгот од тогаш наваму е намален со наплатата преку извршителите и уплатите на должниците.

Следниот четврток истекува рокот за аплицирање за субвенции. 2.000 земјоделци досега аплицирале за субвенции. Сточарите се уште не аплицирале. Од подрачната единица на МЗШВ во Штип, ги повикаа да отидат во подрачната единица, да подигнат барања и покрај тоа што немаат потврди за одбележан добиток, за да го запазат рокот за аплицирање.