вестиТоп вести

Корона-кризата ги сврти македонските граѓани кон купување на домашни производи

Кампањата „Купувајте домашни производи“ со која се поддржува домашното производство на храна и им се помага на земјоделците, компаниите и економијата наиде на широка поддршка од власта, опозицијата, партиите и од земјоделските здруженија. Досега во нашата држава имаше повеќе вакви кампањи кои помогнаа во подигање на свеста за купување на македонски производи

Корона-кризата ја актуализираше иницијативата за купување на домашни производи. Власта и опозицијата ја поддржаа оваа кампања со која од една страна се зголемува потрошувачката на домашните производи, а од друга им се помага на земјоделците, компаниите и економијата во услови на пандемија. Со цел зголемување на домашното производство на храна од партијата Глас за Македонија излегоа со конкретен предлог на сите оние кои сакаат да произведуваат храна земјиштето да им се даде бесплатно на обработка. И земјоделските здруженија се приклучија кон оваа кампања за купување на домашни производи. Од НФФ велат дека на овој начин им се помага на 180 илјади семејства кои живеат во руралните средини и егзистираат од земјоделство.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски ги повика граѓаните да купувате домашни производи, со што како што рече ќе го подржат локалното производство на храна и ќе придонесат за побрз и полесен пласман на земјоделските производи.

-За да го заштитиме домашното производство ги повикувам граѓаните да купуваат домашни производи, со што ќе се поддржи локалното производство и локалните производители на храна. На овој начин ќе се обезбедат сите потребни услови за одржливо земјоделско производство, пласман и ќе се одговори на барањата на земјоделците. Ова е една од мерките кои изминатиот период ги преземавме за да им помогнеме на земјоделците и на стопанствениците да имаат рентабилно земјоделско производство и пласман на своите производи, рече Димковски.

И дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски смета дека во овие тешки времиња кога извозот на македонски производи е забавен за да им помогнеме на нашата економија и на нашите земјоделци треба да купуваме македонски производи.

– Апелирам земјоделците во оваа кризна година да произведат повеќе храна, а до сите останати граѓани наместо да купуваме странски производи, да го купиме тоа што е произведено на македонските ниви и во македонските фабрики. Така ќе зачуваме поголем број на работни места, така ќе спасиме цели семејства кои што работат во македонските фабрики и на македонските ниви, изјави Трипуновски.

Партијата Глас за Македонија излезе со конкретен предлог за зголемување на домашното производство на храна.

-Секое необработено парче земја да се понуди бесплатно на оние кои сакаат и знаат да произведат земјоделски производи, макар и за свои потреби. На сите сточари и земјоделци, млеко производители, откупот треба да им е гарантиран, а ѓубривата, сточната храна, вакцините  произведуваат да им се обезбедат бесплатен семенски материјал и расад, соопштија од „Глас“.

Националната федерација на фармери (НФФ) ја поддржа афирмативната кампања „Купувајте домашни производи“, чија цел е зголемена потрошувачка на домашните земјоделски производи на нашиот пазар.

– Здравствената и економска криза предизвикана од коронавирусот направи нарушување на пазарните синџири и создаде дополнителни проблеми во дистрибуцијата, затоа треба да се дејствува на дoмашен план и да се купуваат домашни земјоделски производи. На ваков начин ќе помогнеме на земјоделството и фармерите и ќе се влијае позитивно на домашната економија, изјави Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.

НФФ ги повикува и другите здруженија да ја подржат кампањата и побара од Министерството за земјоделство и Министерството за економија да преземат мерки за поттикнување на компаниите, маркетите за зголемување на откупот на домашни земјоделски производи и намалување на вишокот на храна.

Досега во нашата држава имаше повеќе вакви кампањи „Да купуваме македонски производи“, За наше добро“ „Made in Macedonia“…кои помогнаа во подигање на свеста за купување на македонски производи.


 

vecer.press

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close