fbpx
Вести

Електричните пастири најдобри чувари на пчеларниците

elektrichnite pastiri najdobri chuvari na pchelarnicite

Се повеќе бројното присуство на дивите мечки во природата и се помалиот избор на храна, придонесоа драстично да се зголемат нападите на дивите мечки врз пчеларниците во кичевско-демирхисарскиот крај, а во повеќе наврати се случило штетите причинети од овие предатори да бидат тотални. Токму од овие причини одгледувачите на пчели бараат најефикасен начин за спас на своите сандаци од овие агресивни животни.

Изминатава деценија моите пчели беа честа цел на напади од дивите мечки, кои влегуваа во пчеларниците и правеа немерливи штети. За да ги осигурам пчеларниците од овие напади, поставив и два реда жичена ограда, но и тоа не беше доволно мечките и по цена на потешки повреди да влезат во моите улишта и да направат вистински хаос се пожали Владо Вренцоски пчелар од кичевско.

Слична беше приказната и на пчеларите од Црско, Прострање, Белица, Козица, Свињишта, Видрани и други села. Дури некои од пчеларите во неможност да ги спречат овие напади, пчеларниците ги преселиле десетици километри подалеку на други локации.

Поучен од овие примери, а и самиот претходно во неколку наврати засегнат од нападите на дивите мечки, пчеларот Миле Богданоски од Кичевско, посегнал по најновиот технолошки изум, а тоа е електричниот пастир, кој како единствен спас го најави и Владата на Република Македонија пред 3 години, на саемот за пчеларство одржан во Кичево. Токму монтирањето на овој заштитен систем на пчеларот му овозможила целосна заштита и мирен сон во текот на целата година, без дополнителна инвестиција и ризик од поголеми штети.

He знаејќи како повеќе да ги заштитам своите пчели, посегнав по најновиот технолошки изум т.н. електричен пастир, кој всушност е едноставна направа што обезбедува ефикасна одбрана од мечките, што се потврди во изминатите две години колку што го применувам. Овој систем е едноставен, но многу ефикасен и се состои од соларен панел поврзан на акумулатор, што се напојува со струја со помош на сончевата светлина и кој е поврзан со жичената ограда поставена околу пчеларникот. При допир на жиците се рефлектираат електрични импулси, кои потоа го одвраќаат животното од намерата повторно да влезе во пчеларникот. He треба дополнителен извор на струја бидејќи акумулаторот се напојува преку сончевата светлина, што се собира во соларната ќелија. Бидејќи најголемиот број напади се случуваат во пролетните и во летните месеци, тогаш сончевината е најсилна и акумулаторот редовно е со полн капацитет, а тоа придонесува електричните импулси на жичената ограда да бидат најсилни што ја одвраќа мечката од желбата да влезе во пчеларникот вели Миле Богданоски, пчелар од Кичевско.

Покрај во пчеларството овој систем е ефикасен и во фармерското одгледување добиток на поголеми површини, потоа за заштита од диви свињи на посеви или плантажи засеани со пченка или други култури и други штетници. Изумот е универзален и ефикасен за секаква примена. Самиот систем не чини многу пари и за краток период инвестицијата целосно се враќа, велат упатените.

Тагови

Слични написи

2 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close