fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Тутунарите на средби во Собранието, се бара начин да се одблокира откупот на тутунот

НАЈНОВА ВЕСТ -Јосифовски-Очигледно министерот или не ја познава работата или  не сака да го реши проблемот

Од денеска затворени врати на сите откупни пунктови ги пречекаа тутунарите. Дури и да сакаат монополите законски немаат право да ги отворат откупните пунктови додека не се донесат измени на законот бидејќи Законот за откуп на тутун предвидува тој да заврши на крајот на февруари. Засега никој со сигурност не знае кога повторно ќе почне откупот бидејќи се чека Собранието да обезбеди кворум за работа.

Тутунарите се веќе во паника. Нема каде да се обратат за да добијат информација дали и кога ќе се откупи родот на тутунот кој цела година со тешки маки го произвеле и од чија продажба ќе треба да живеат до следната реколта. Во потрага по некакво решение денеска во Собранието на средби дојдоа дел од претставниците на ново формираното здружение на тутунари „Тутунска надеж “кој остварија средби со пратеникот Јахоски од кого добиле уверување дека се прават напори утре да почне со работа Собранието и да се наметне како приоритетна точката со измените на законот за тутун за да може што побргу да се нормализира состојбата.

-На терен има многу тутун останато неоткупен и со договори, а особено вишокот тутун кој е без договори. Министерството за земјоделство имаше увид во состојбите уште со сувата таксација на тутунот во септември. Ако сакаа да реагираат можеа уште за време на откупот или додека беа протестите кога имаше време да се реагира за пролонгирање на законскиот рок за откупот на тутунот. Очигледно министерот или не ја познава работата или  не сака да го реши проблемот, друго јас не гледам. Не е одговорно како министер сега откако заврши откупот тој да бара решение, рече Васко Јосифовски од здружението на тутунари  „ Тутунска надеж“.

Според нив неблагодарно е да се процени колку има тутун неоткупено, но сигурно се повеќе од 3000 тони колку што има пријавено вишок. Времето не е сојузник на тутунарите бидејќи вообичаено од први март почнуваат активностите за новата реколта. Веќе има тутунари кои мораат да подигаат семе а со тоа мора да потпишат и договор кој е по старите услови и цени.

Според информациите од Собранието измените на Законот за тутун се планирани за 34 собраниска седница која заради немање кворум е прекината и воопшто не е изгласан ниту дневниот ред. Од таму велат дека засега не се знае кога претседателот на собранието Џафери  би свикал продолжение на таа седница.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close