ФАО им помага на земјите да ги измерат влијанијата на климатските промени врз земјоделството

(Oвој напис е објавен на: June 11, 2019)

Во земјите во развој, земјоделскиот сектор апсорбира 26 отсто од вкупната економска штета и загуба предизвикана од климатски катастрофи, според неодамнешна студија на ФАО. Малите земјоделски стопанства, кои обезбедуваат повеќе од 70 проценти од глобалните потреби за храна, се меѓу најзагрозените, по што следат малите и средни земјоделски претпријатија.

Сепак, не е секогаш лесно да се разбере степенот до кој природните катастрофи влијаат на земјоделството и животот во руралните средини. ФАО има за цел да го реши тоа со нова стандардизирана методологија за процена на штетите и загубите.

Методологијата има за цел да ги идентификува дупките во информациите за влијанието на природните катастрофи врз земјоделството. Таа е сеопфатна и може да се примени за настани од катастрофи во различни земји и региони, а истовремено и доволно прецизна за да ги земе предвид сите земјоделски потсектори (земјоделски култури, сточарство, аквакултура, рибарство и шумарство).

ФАО ја разви методологијата заснована на барањата на земјите, како дел од Рамката Сендаи за намалување на ризикот од катастрофи и Рамката за следење на Целите за одржлив развој. Методологијата ќе се користи за собирање податоци и следење на напредокот кон остварување на глобалните цели за отпорност кон климатските промени и претставува корисна алатка за собирање и толкување на постојните информации за информирање на политиките, одлуките и практиките поврзани со ризиците од катастрофи.

За да се обезбеди ефикасно, сигурно и стандардизирано глобално следење на штетите и загубите во земјоделството, ФАО соработува со владите ширум светот – од Латинска Америка и Карибите до Источна Африка и Југоисточна Азија – во процесот на усвојување, институционализација и имплементацијата на оваа методологија.

Регионална работилница во Скопје, која почнува денес и ќе трае до 13 Јуни, ќе биде една од низата вакви настани во Европа и Централна Азија. На работилницата присуствуваат повеќе од 40 експерти и носители на одлуки од балканските земји (Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија) и Турција за да разговараат за националните системи за собирање и проценка на податоците за директни штети и загуби во земјоделството предизвикани од катастрофи.
За време на работилницата, претставници од државните заводи за статистика, агенциите за намалување на ризици од катастрофи и министерствата за земјоделство, рибарство и шумарство ќе работат со ФАО на изготвување на план за институционализирање на националните информациски системи со цел обезбедување податоци за влијанието на природните катастрофи.

Државниот секретар при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Нефрус Челику изрази добредојде и истакна дека се’ позачестените временски непогоди предизвикуваат големи штети врз земјоделското производство, како и милионски износи одвоени од националниот буџет за да се надомести штетата на земјоделските стопанства. Оттука, оваа работилница е од особено значење за надлежните институции да научат од искуството на ФАО и земјите од регионот како да се подобри националниот систем за предвидување, спречување, намалување, прилагодување и апсорпција на ризикот во рамките на земјоделскиот систем во нашата земја.

Г-ѓа Росана Дудзиак, Резидентен координатор на ОH во Република Северна Македонија, ја отвори работилницата и истакна дека земјоделството и неговите под-сектори се особено погодени, апсорбирајќи непропорционален дел од влијанието од природните катастрофи. Оттука, истакна таа, пристапот до сигурни и стандардизирани податоци и статистики е од клучно значење за процена на влијанијата од катастрофи, креирање на подобро информирани политики за намалување на ризиците од катастрофи и соодветно планирање во земјоделство, а во насока на остварување на Целите за одржлив развој.

“Покрај стекнување на знаење за клучните концепти и примена на методологијата, работилницата е можност за експертите и носителите на одлуки од земјите-учеснички да разменат информации за главните опасности и закани за земјоделскиот сектор во нивните земји, како што се поплавите, сушите, екстремните температури, штетниците и болестите кај животните и растенијата и да споделат искуства во собирањето податоци за штетите и загубите предизвикани од катастрофи од различна природа и големина “, истакна Даниела Мангионе, која ја координираше оваа работилница и работи на активности на ФАО за намалување на ризикот од катастрофи низ целиот регион.

“Оваа работилница е првиот чекор во процесот на развој на поширок капацитет”, додаде Мангионе. “ФАО посветено работи на поддршка на статистичките оддели на релевантните владини институции за надградба на постоечките информациски системи за земјоделството во насока на собирање и анализа на податоците за директните штети и загуби, со цел подобро информирање на политиките и распределбата на ресурсите”.

Активностите на ФАО во областа на процена на штети и загуби во земјоделството се дел од еден поширок корпоративен приоритет на Организацијата чија цел е зголемување на отпорноста на земјоделството кон климатските промени.

Методологијата на ФАО, истакна Мангионе , е вградена во рамката за следење на Целите за одржлив развој и ќе се користи за собирање на податоци и следење на напредокот кон остварување на глобалните цели за отпорност кон климатските промени, вклучувајќи го индикаторот Ц2 од рамката Сендаи и таргетите 1.5.2 и 11.5.2 од Целите за одржлив развој.

 


 

biznisvesti