Агро бизнисВестиТоп вести

Директорката Даниела Иротова затекна базен со вода наместо посеана нива

Агенцијата продолжува со засилени теренски контроли – финансиска поддршка само за површини што ги исполнуваат законските услови

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој продолжува со засилени активности за проверка на пријавените земјоделски површини и на исполнувањето на условите за остварување право на финансиска поддршка, со цел обезбедување законито, транспарентно и одговорно користење на јавните средства.
Директорката на Агенцијата, Даниела Иротова Лазарева, повторно изврши ненајавен теренски увид во работењето на контролните служби, со цел непосредно да се запознае со начинот на спроведување на контролите, професионалноста на контролорите и утврдувањето на фактичката состојба на терен.
По добиени информации и реакции од земјоделци, на иницијатива на директорката беше спроведена дополнителна теренска контрола кај поголемо земјоделско стопанство кое пријавува земјоделско производство на површина од околу 60 хектари.
Според службената евиденција на Агенцијата, овој субјект повеќе од 15 години не бил опфатен со теренска контрола, а не бил вклучен ниту во првично избраниот примерок за контрола за 2026 година.
При спроведената контрола беа документирани значителни несогласувања меѓу пријавените земјоделски култури и фактичката состојба на терен.Овластените контролори, со примена на GPS-мерења и преклопување на измерените површини со податоците од Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП), евидентираа необработено земјиште, површини со тревна вегетација, како и површини зафатени со објекти и базен за вода, кои биле пријавени за земјоделско производство.
Ваквите наоди ја потврдуваат важноста на навремените, темелни и објективни контроли, преку кои се обезбедува финансиската поддршка да биде насочена кон корисниците кои ги исполнуваат пропишаните услови.
Директорката Иротова Лазарева посебно ја истакна професионалноста и посветеноста на контролорите кои ја спроведоа контролата, нагласувајќи дека нивниот одговорен пристап, прецизните мерења и темелното документирање на фактичката состојба претставуваат пример за квалитетно извршување на службените задачи.
„Нашата цел не е да ги казнуваме земјоделците, туку да ги заштитиме вистинските земјоделски производители кои вложуваат, работат и произведуваат. Финансиската поддршка мора да биде насочена кон реалното земјоделско производство и кон површини кои ги исполнуваат законските услови. Од нашите контролни служби очекувам професионалност, непристрасност и одговорност, а вработените кои совесно и темелно ја извршуваат својата работа секогаш ќе ја имаат мојата поддршка“, истакна директорката Иротова Лазарева.
Покрај непосредните теренски контроли, Агенцијата спроведува и контроли од далечина, како дополнителен механизам за проверка на пријавените земјоделски површини и култури. Комбинирањето на различните механизми за контрола придонесува за поефикасно откривање на несогласувањата и зајакнување на системот за заштита на јавните средства.
Наодите од спроведената контрола укажуваат и на потребата од дополнително преиспитување и унапредување на критериумите и начинот на избор на субјектите за теренска контрола, со цел обезбедување поголема транспарентност, објективност и ефикасност на контролниот систем.
Агенцијата ќе продолжи со засилени контролни активности, како и со преземање соодветни мерки по утврдените неправилности, во согласност со законските прописи и утврдените надлежности.
Контролите продолжуваат, без исклучоци и со еднакви правила за сите.
Субвенциите се поддршка за реално земјоделско производство, а контролите се гаранција за одговорно користење на јавните средства.

Поврзани новости

Back to top button