fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Хаос во Битола – градат бетонска база, па после ќе бараат дозвола од Општината

Општинските власти велат дека бетонската база е дивоградба, сопственикот на фирмата тврди дека редот бил прво да ја изгради базата, а после ќе следи процесот за добивање дозвола

БИТОЛА – Градежна фирма од Битола прво гради бетонска база, па вели дека отпосле ќе бара дозвола од општината, оти таков бил законот. Општина Битола потврдува дека бетонската база е дивоградба, објави https://nezavisen.mk/

„Независен“ стапи во контакт со еден од сопствениците на фирмата „Конкрит компани“ Битола кој тврди дека откако ќе ја изградат бетонската база ќе побараат Б интегрирана дозвола од Општина Битола, оти таков бил редот.

Стручњаци од градежната фела во Битола кои долги години се занимаваат со ова дејност тврдат дека не е возможно да се гради без дозвола, па макар тоа да е и настрешница, а не пак бетонска база. Што значи без одобрение за градба или решение за градба од Општина Битола, никој не би требало да посегне да изгради било што.

За случајот први алармираат граѓани кои живеат во близина на индустрискиот дел на градот и реонот познат како „Авто комплекс Пржо“. Тие реагираат дека во нивното соседство, на само неколку метри воздушна линија никнува нова постројка за правење на бетон и загрижено прашуваат дали покрај две постоечки на истото место и оваа новата нема дополнително да го загадува воздухот во градот.

„Пред Нова година почна монтирањето на нова бетониера во склоп на индустриска парцела во Битола на само педесетина метри од нашата зграда. Имаме информации дека се гради на диво, но за тоа треба да кажат надлежните инспекции. Но, она што нас нѐ вознемирува е животната средина и квалитетот на воздухот“, велат граѓани кои инсистираат да останат анонимни.

Крсте Неделковски, еден од сопствениците на фирмата „Конкрит компани“ Битола, потврдува дека прават бетонска база  во стопански двор каде веќе има уште две бетонски бази на ГП „Пелистер“ и на градежната фирма „Лапор“ Битола.

„Градиме со дозвола, со документи на индустриска парцела од Г категорија. Кога ќе се изгради бетонската база потоа викаш испитување, колку се загадува воздухот, но да знаете не се загадува воздухот оти е на струја. Потоа се вади Б интегрирана дозвола од Општина Битола “ ни рече Неделковски во телефонски разговор.

Запрашан, како може прво да се гради, па потоа да се вади потребната дозвола, тој  наведува дека „мораш еднаш да ја изградиш по закон, да измериш загадување на воздух, па пушташ документи во Општина Битола и вадиш Б интегрирана дозвола. Ова е вака оти  е монтажен објект“, наведува Неделковски убеден дека Општина Битола не може, а  да не ѝ даде дозвола на фирмата сопственик.

„Независен“ испрати прашање до Општина Битола, од каде се категорични дека бетонската база е дивоградба.

„Одделението за спроведување на урбанистички планови нема издадено одобрение/решение за изградба на бетонска база на име ДПТУ  ‘Конкрит компани’ Битола, во тој дел на градот Битола. Согласно член 56 од Законот за градење – Градбите и деловите од градби изградени без одобрение за градење се бесправни градби“, одговорија од општина Битола за „Независен“.

Во делот на одговорот за заштита на животната средина, во одговорот од Општина Битола стои дека „општината преку одделението за урбанистичко планирање и заштита на животната средина нема издадено Б интегрирана еколошка дозвола“ за конкретната фирма.

Од Општина Битола се категорични дека за овој случај ќе постапува општинскиот инспекторат, иако не наведуваат кога.

„Општинскиот инспекторат нема евидентирано предмет, и доколку постои таква градба без Одобрение ќе се постапи од страна на надлежен градежен инспектор согласно Закон за градење.  За типот на инсталации потребно е  елаборат за животна средина и во зависност од  капацитетот може да е потребна и Б интегрирана дозвола“, стои меѓу другото во одговорот  од Инспекторатот.

Автор АНЕТА БЛАЖЕВСКА

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close