fbpx
ВестиВино

Визбите со финансиски проблеми и залихи, но гарантираат целосен откуп на грозјето

Винарските визби имаат проблем со ликвидноста и залихите, но уверуваат дека  годинашниот род грозје ќе биде откупен во целост.

Како што истакнаа претставниците на винарските визби по денешната прва средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, откупните цени на грозјето ќе ги дефинира пазарот, но сепак се очекува тие да го достигнат ланското ниво.

– Кај поквалитетните сорти можно е да има зголемување на цената, но не и надминување на онаа од минатата година. Иако секоја од винарските визби одлучува за цената, очекуваме да бидат достигнати откупните цени од лани, изјави Никола Деребанов од винарската визба „Стоби“.

Според него, добро е тоа што годинава приносот поради измрзнувањето е намален и токму поради тоа проблеми со откупот нема да има.

И министерот Николовски рече дека проблеми со откупот на грозјето оваа година не се очекуваат.

Годинашниот род е со подобар квалитет, но приносите се намалени. Родот ќе биде откупен во целост, нагласи Николовски.

Тој информира дека со винарите е договорено креирање модел на континуиран дијалог, а не разговарање непосредно пред сезона.

– Последниве единаесет години власта водела популистичка и несистематска политика во лозарството што довело и до напластување на проблемите. Ќе настојуваме да се реши секоја ситуација што како горлива ќе ја предочат производителите и откупувачите. Сите заеднички ќе придонесеме во креирањето суштински мерки, напомена министерот, потсетувајќи на линеарното зголемување на субвенциите во лозарството.

Винарите сметаат дека за да има успешна винска индустрија, Македонија мора да изготви стратегија која ќе биде од корист за двете страни, и за производителите и за визбите.

– Македонија не е позната винска земја подалеку од Хрватска. Имаме уште многу да работиме на имиџот, потенцира Деребанов.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close