fbpx
Вести

И годинава ќе јадеме турски ориз, само помалку

oriz

Земјоделците се задоволни од новите турски сорти ориз и нивниот број од година во година се зголемува. Просечниот принос од турските сорти кај нас е шест тони по хектар. Меѓутоа, она што загрижува е фактот дека годинава поради недостаток на вода оризовите полиња се преполовени

Оризопроизводителите се задоволни од приносот и квалитетот на новите турски сорти ориз кои во последните неколку години масовно почнаа да се сеат на македонските ниви. Тие зреат побрзо и даваат повисоки приноси, но се откупуваат по пониски цени од веќе традиционалната “сан андреа”.

Во Институтот за ориз во Кочани велат дека турските сорти се покажале како одлична замена за италијанските и оти даваат повисок род и поголем рандман. За разлика од досегашните сорти, на кои им требаше 155 дена од сеење до жетва, новите сорти се раностасни и се жнеат за 130 дена. Земјоделците се задоволни од новите турски сорти ориз и нивниот број од година во година се зголемува.

Единствен проблем на почетокот беа трговците, кои се уште не ги познаваа новите сорти и ги плаќаа помалку од традиционалните, но сега и тој проблем е надминат, бидејќи турските сорти веќе неколку години се присутни на македонските ниви.

Турски сорти ориз експериментално се одгледуваа на полињата кај 120 индивидуални оризопроизводители во Кочанско, а дел на Одделот за ориз при Земјоделскиот институт во Кочани.

Искуствата од експерименталното одгледување турски сорти ориз на полињата во Кочанско се реализираа во соработка со турската компанија “ТИКА” која за оваа намена инвестираше средства во износ од 120.000 евра. Најголеми позитивни резултати постигнаа сортите “гала”, “халилбеј” и “ѓонен”.

На почетокот турските сорти ги одгледуваа само дваесет фармери, а нивниот број од година во година расте. Најголема причина за воведување на новите сорти биле слабиот рандман и количината на цели зрна, која се добивала по обработката. Старите сорти биле многу кршливи и морале да се обноват.

Просечниот принос од турските сорти кај нас е шест тони по хектар. Цената по која се продава во малопродажба е околу 80 денари за килограм, а откупната е 60 денари.

Според експертите, земјоделците сега имаат широк избор сорти и самите треба да одлучат што ќе сеат, но препорачуваат да внимаваат ако почнат со сеидба до почетокот на мај, слободно може да изберат “сан андреа” или некоја друга од традиционалните сорти, а ако доцнат со сеидбата, препорачливо е да користат турски семиња поради побрза вегетација.

– Турските сорти ориз се прифатени од страна на оризопроизводителите и се сеат на поголеми површини. Тие се адаптираа на нашето поднебје, доста се приносни и даваат квалитетен ориз, велат од Подрачната единица на МЗШВ во Кочани.

Оризопроизводителите годинава ги преполовија оризните ниви, не по нивна волја, туку по налог на природните временски услови и поради недостаток на вода. Поради лошата хидролошка состојба планот за пролетна сеидба претрпе измени.

Во Кочанско има намалување на површините со ориз од 4.300 хектари на 2.800 хектари, а во Виничко од планираните 180 хектари, површините ќе бидат намалени за 100 хектари.

Од Подрачната единица на МЗШВ, истакнуваат дека намалувањето на површините под ориз за 100 хектари е неминовно и истите површини ќе бидат заменети со крск култури.

Од Водостопанското претпријатие “Брегалница’ од Кочани истакнуваат дека се подготвени да ја прифатат проточната вода од реките и водотеците во општина Виница, за да бидат успешно насеани планираните 80 хектари под ориз.

Во Виничко, според изјавите на оризопроизводителите вакви рестрикции не се паметат во последните десетина години. До оваа година во Виница површините под ориз се движеа од 150-180 хектари, а сега се сведени на максимум 80 хектари.


 

 

вечер.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close