Интервју со Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство: Малите земјоделци ќе се субвенционираат по теркот на ЕУ

(Oвој напис е објавен на: November 30, 2018)

Преземавме низа мерки, решенија и измени на закони, се со цел да земјоделството тргне во нагорна линија. Главниот приоритет на МЗШВ во наредниот период ќе биде зголемување на земјоделските површини, приносот и квалитетот на земјоделските производи, како и олеснување на процедурите за добивање на субвенции и отворање на повеќе винарски визби, вели во интервју за „Вечер„ министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски

На кој начин планирате да ги зголемите обработливите земјоделски површини кога се повеќе земјоделци се откажуваат од земјоделството, а младите ги напуштаат селата?

Она што го правиме во моментов е ревизијата на доделување на државното земјоделско земјиште. На овој начин се обидуваме да го ставаме во функција целокупното земјиште што е една од заедничките цели на целокупната политика на ЕУ. Заради тоа оваа година имаме вкупно 12 огласи на кои се склучени стотици договори до три и над три хектари, а до крајот на годината ќе имаме јавен оглас за неатрактивно земјиште од четврта, пета, шеста, седма и осма категорија се со цел на полесен начин земјоделското земјиште да го ставиме во функција на земјоделството. Ќе имаме посебни услови за инвестиции од страна на домашни и странски агрокомпании кои користејќи ја позитивната клима во државата и интеграциските процеси кои што се во тек навистина се заинтересирани не само за инвестиции во делот на земјоделското производство, туку и во преработувачката индустрија, односно изградба на кланици, фарми… Оваа политика на ставање на целокупното земјиште во функција на земјоделството ќе продолжи и во наредниот период имајќи во предвид дека во текот на една година со сите постапки кои што ги водиме ослободени се 24.000 хектари земјоделско земјиште. Во владина процедура веќе влегуваат измените на Законот за земјоделско земјиште со кои што почнуваме процедури на добивање, но и на раскинување на договори за земјоделско земјиште во случај кога тоа не се работи, односно не се исполнуваат законските услови. Со измените ќе направиме промена и во делот на доделување на земјоделско земјиште, односно ќе овозможиме на полесен начин вистинските земјоделци да дојдат до земјоделското земјиште без електронски аукции како што е тоа сега за над 3 хектари, односно таа граница од 3 хектари ќе ја зголемиме. Се подготвува и нов закон за пасишта кој што ќе биде ставен во процедура имајќи во предвид дека голем дел од површините во државата се водат како пасишта. Во текот на овој месец ја завршивме дигитализацијата на сите површини. Досега се дигитализирани и евидентирани околу половина милион хектари пасишта што е особено важно поради тоа што со влезот и добивањето на субвенциите од ЕУ мораме да ја имаме затворено таа евиденција. Оваа година се фокусиравме на земјишната политика, односно на нашето поврзување со Агенцијата за катастар на недвижности, евиденцијата на целокупното слободно земјоделско земјиште, распишување на огласи за доделување на државно земјоделско земјиште, поврзување со Платежната агенција, односно градење на еден интегриран систем со цел целокупното земјоделско земјиште да биде ставено во функција. Исто така бевме фокусирани за избор на локации каде што за прв пат започнува процесот на консолидација што е заеднички проект со ЕУ и ФАО. Избрани се 12 локации за кои веќе се прават физибилити студии и соодветни постапки за започнување на процесот на консолидација, а паралелно се избрани и нови 12 локации за кои во 2019 година ќе започне постапката за изработка на геодетски елаборати. Овој процес е долгорочен и ќе се реализира во следните години.

Земјоделците годинава ќе ја добијат долгоочекуваната „зелена нафта#. Кажете ни како и кога земјоделците ќе можат да ги користат парите за оваа намена?

Зелената нафта мораше да биде воведена со закон поради тоа што не постоеше таква мерка. Во 2018 година направивме се да се промени законот и да се донесе методологијата за тоа на кој површини и за кој култури колкав износ на средства ќе бидат потребни. Земјоделците ќе добијат зелени платежни картички на кој ќе ги добиваат средствата за зелена нафта и кои единствено можат да ги користат за таа намена. Тоа го предвидовме и во Законот. До крајот на годинава моделот ќе биде презентиран пред земјоделците, а овие денови се одржуваат средби со сите заинтересирани банки преку кои треба да биде имплементирана оваа мерка, односно отворање на трансакциските сметки и добивање на зелените дебитни картички на кои ќе ги имаат средствата. Во Буџетот за 2019 година обезбедени се средства за 30 отсто покривање на трошоците за земјоделска механизација, а не ја исклучуваме можноста во следните години да се зголемува поддршката за оваа мерка. До крајот на годинава земјоделците ќе бидат детално информирани за тоа кога ќе можат да ги користат средствата, во кој период од годината, како ќе се одвива целата процедура во делот на аплицирање по оваа мерка во Платежната агенција…

Македонија има поволни агро-еколошки услови за развој на органско производство, но резултатите изостануваат. Кои мерки ги преземате за зголемување на ова прозводство?

Македонија ги има сите почвени и климатски предуслови за развој на органското производство. Оваа година промовиравме многу нови можности во органското производство, го зголемивме буџетот на средствата за субвенции за органско производство, даваме поддршка за настапот на меѓународни саеми и отворањето на нови пазари, како што тоа го направивме на саемот „Агра# во Словенија, каде што беа претставени 50 македонски органски производители. Оваа година го ставивме во функција и Регистарот на органските производители кој е особено важен и има улога да ги информира потрошувачите за тоа кои производи се регистрирани како органски. Распишавме јавен повик за млади земјоделци каде што приорите имаат органските производители со цел да ги поттикнеме младите да се занимаваат со ова производство. Во наредната година планираме оваа поддршка од 10 илјади евра да ја зголемиме поради големиот интерес. Ќе распишеме и наменски оглас за доделување на државно земјоделско земјиште до 3 и над 3 хектари за органските производители. Треба да се посветиме многу повеќе да ја промовираме Македонија како земја на органско производство, но од друга страна треба да ги видиме и резултатите. Засега од една страна имаме многу мали количини на органски производи кои се продаваат, а од друга страна државата одвојува големи средства за ова производство. Во зависност од тоа за која култура станува збор субвенциите за органско производство се за 100 отсто повисоки од конвенционалното.

Дали парите кои се даваат за субвенции се користат наменски? Сметате ли дека има простор за повисоки субвенции и во кои сектори?

Наша клучна цел оваа година беше да анализираме состојбите во делот на исплата на субвенции се со цел да дојдеме до неселективна, навремена и целосна исплата на субвенциите. Целта е сите производители да ги добиваат субвенциите тогаш кога им се најпотребни, односно кога имаат инвестиции во производството. Тоа беа и првите забелешки на проектот кој го имавме во 2018 година со ЕУ за детална анализа на импактот на субвенциите во самото земјоделство. Резултатите ги добивме и во декември ќе го промовираме пакетот на промени во делот на субвенционирање на земјоделството согласно препораките од ЕУ, Светска банка и од другите анализи кои се работени, а кои што се однесуваат на тоа дали нашиот модел на субвенционирање е усогласен со заедничката земјоделска политика на ЕУ. Еден од првите заклучоци е дека системот на плаќањата во земјоделството не е во согласност со барањата на ЕУ и мора да се менува. Една од првите констатации е дека постојат многу мерки и подмерки во целиот сложен систем на МЗШВ и Платежната агенција кои што е тежок за контрола и за менаџирање и заради тоа една од првите промени ќе биде да го поедноставиме. Согласно овие препораки една од првите работи ќе биде одвојување на сите земјоделски стопанства до еден хектар кој ќе аплицираат само за една мерка која се однесува на мали земјоделски стопанства како што е и во ЕУ. Овие земјоделски стопанства ќе ги изземеме од целокупниот систем на Платежната агенција, но и од системот на контрола за што ни се потребни законски измени имајќи во предвид дека 47 отсто од вкупните баратели се до 1 хектар. Ова ќе биде растоварување и за самите фармери и за Платежната агенција која со поголем капацитет ќе може да се фокусира на контрола на останатите барања кои што се со поголем износ на субвенции. Во следниот период веќе во завршна фаза е интегрираниот систем за администрација и контрола кој што е финансиран од ЕУ и преку кој ќе се обработуваат сите овие барања. Еден од негативните наоди кој што го има извештајот на ЕУ за земјоделството е непостоењето на ваков систем за кој веќе се обезбедени средства и во 2019 година истиот треба да биде имплементиран и контролата да се одвива врз основа на тој систем. Во следните неколку години ние ќе се прилагодиме на новиот систем и на новата политика на ЕУ 2020 – 2027 година. Ги следиме и препораките на сите финансиски институции дека постепено треба да се зголемува Програмата за рурален развој, односно одредени мерки од Програмата за директни плаќања да бидат префрлени во Програмата за рурален развој. Оваа година имаме значително зголемување на средствата во делот на рурален развој, а особено во делот на исплата на средствата за ИПАРД 2 бидејќи имаме и национално кофинансирање во тој дел.

Со оглед на тоа дека се даваат субвенции за млади земјоделци. Постои ли интерес кај младите да се занимаваат со земјоделство?

Треба да работиме на создавање на услови младите да останат во државата, но и да направиме руралните средини да бидат навистина примамливи за младите луѓе. Со целокупната техничка поддршка преку ИПАРД, со поддршката преку националните програми ќе правиме информативни сесии, обуки и едукација за да земјоделството го направиме поатрактивно за младите. Сметам дека од ден на ден ја менуваме сликата со сите наши активности. Сметам дека со сите преземени мерки и политики во делот на земјоделството и во делот на руралниот развој младите ја препознаваат можноста да се занимаваат со земјоделство. Доказ за тоа е последниот оглас за доделување на 10 илјади неповратни средства за земјоделци каде и покрај тоа што ставивме построги критериуми имавме 1.045 апликации од млади земјоделци. Заради тоа постепено ќе ја зголемуваме целокупната поддршка од 10 илјади евра која не е наменета само за набавка на трактори, туку и за инвестициски активности во преработка на земјоделските производи. Интерес кај младите покрај за парите од европските програми постои и за доделување на земјоделско земјиште. Имаме огромен број на компании кои што се водени од млади луѓе, а кои што се заинтересирани за подигнување на лозови насади, нови фарми, инвестиции во преработувачка индустрија…

Најавивте измени во Законот за вино. На што се однесуваат измените и дали истите ќе ги олеснат процедурите за отворање на повеќе винарски визби?

Ова е еден од фокусот на нашите политики, да поттикнеме развој на семејни бизниси односни семејни фарми и семејни винарски визби. Направивме анализа на нашето законодавство и во следниот период ќе имаме измени на законите, но и зголемување на поддршката која што би ја давале во делот на отворање на овие мали преработувачки капацитети. Во постојниот Закон за вино имаме строги услови со кои што се оневозможува физички лица да се занимаваат со оваа дејност и покрај тоа што Македонија ги има сите компаративни предности за тоа. Ова го потврдува и неодамнешната информација дека Македонија е втор извозник на вино од Балканот. И девизниот прилив во делот на извозот на вино постојано се зголемува оваа година имаме 11 отсто зголемување на извозот по вредност. Имаме позитивни показатели во делот на лозарството и винарството, но од друга страна имаме мал број на капацитети кои што се регистрирани за разлика од Словенија каде што на пример има над 2.000 физички регистрирани лица кои се занимаваат со оваа дејност. Особено до периодот на влез на нашата земја во ЕУ сметаме дека користејќи ја можноста за зголемување на површините под лозови насади Македонија може да биде и земја на млади земјоделци и винска земја. Поради тоа во постапка е Законот за вино каде што ќе ги олесниме критериумите и ќе овозможиме на многу полесен начин правни и физички лица да се занимаваат со оваа работа. Исто така ќе овозможиме и во рамките на самите винарници да се отвораат дополнителни угостителски сместувачки капацитети.

Со оглед на тоа дека сте многу ангажиран, а доказ за тоа е неодамнешното признание за најуспешен министер за земјоделство имате ли слободно време и на што најчесто го трошите?

Имајќи ги предвид проблемите во секторот земјоделство и сите зацртани планови кои ги имам навистина е тешко да се најде слободно време. Најголем дел од времето заедно со тимот го користам за решавање на проблемите во земјоделството. Често се случува и во текот на ноќта да останам во министерството и да работам. Сметам дека навистина е потребно време за сите овие активности и сектори да бидат искординирани. Имаме комплексни прашања за решавање, а имаме и огромна желба за што побрзо граѓаните да ги видат резултатите од таа наша посветеност и работа. Ако тука ги ставиме и средбите и комуникацијата со земјоделците на терен, навистина останува многу малку слободно време кое го користам за дружење со пријателите, планинарење, трчање…


 

vecer.press