вести

Изумира традиционалното одгледување пчели во кошница

Bo Македонија ce уште ce одгледуваат пчели во кошници (улишта), но ваквото традиционално производство полека изумира, бидејќи е економски неисплатливо. Станува збор за начин на одгледување што овозможува најприроден амбиент за живеење на пчелите, бидејќи тие не се прихрануваат, ниту се заштитуваат од болести со какви било хемиски препарати. Според Нацо Јовчевски, член на президиумот „МакБи” и еден од ретките одгледувачи на пчели во кошница кај нас, годишниот принос од кошницата е од два до четири килограми мед.

izumira tradicionalnoto odgleduvanje pcheli vo koshnica

 

– Пчеларењето во кошница е многу поедноставно од современото, но економски нерентабилно. Но затоа пчелите цела година живеат во природен амбиент, во благосостојба што им е овозможена од приливот на нектар, бидејќи матицата го развива семејството само толку колку што може да се обезбеди храна во природата, објаснува Јовчевски.

Како што вели тој, основна задача на пчеларот е да ја направи кошницата и да го истресе ројот пчели во неа. Ројот истресен во кошницата почнува интензивно да гради природно саќе.

– Матицата и пчелите се во постојана работна атмосфера и семејството достигнува брз растеж, а добиениот мед од кошницата се сече со специјален нож. Бидејќи имаме неколку роеви во текот на пролетта, кои се случуваат еден по друг, драстично се намалува бројот на вароата во семејството вели Јовчевски.

Како што вели тој, дното на кошницата е отворено, а ѕидовите се порозни, па затоа има одлична вентилација, која ги намалува ризиците од другите болести.

Како што се намалува бројот на пчелите во зима, тие се движат од дното на кошницата нагоре и секогаш имаат на дофат мед. Конусот овозможува семејството секогаш лесно да се придвижува кон храната и да ја одржува оптималната температура нагласува Јовчевски.

Семејството во кошницата може дополнително да се заштити од крлеж со екстракт од мајчина душичка напролет.

Производството на мед во кошница датира од времето на фараоните. На камените ѕидови во пирамидите може да се видат слики за технологијата на пчеларење. До денес оваа технологија не претрпела измени, бидејќи кошниците се прават од истиот материјал гранки од врба или други дрвенести растенија што се еластични и може да се плетат во вид на конус истакна Јовчевски.

Тој појаснува дека кошниците се конуси со димензија од 40 до 50 сантиметри во основата. Се мачкаат од надворешната страна со говедски измет (балега), која претходно се замесува со плева од жито и кал, а во поново време и со гасена вар. Откако таа ќе се исуши во сенка, се појавуваат пукнатини што се пополнуваат со чиста балега. Тој додава дека врз кошницата се плете изолација, која е исто така од природен материјал див рж, речен шамак или рогоз.

– Пред да се наполни кошницата со пчели се мачка со маточина (челок) и мед и во неа најчесто се истресува природно излезен рој, кој е закачен на некоја гранка вели Јовчевски.

Поради нерентабилноста, пчеларењето во улишта се напушта и е во изумирање. Се повеќе се користат современи пчелни живеалишта, хемиски препарати и отрови за заштита од болести.

– Пчеларите се повеќе им го одземаат природниот мед на пчелите, ги хранат со пченкарна гликоза, што придонесува за намалување на квалитетот на медот и губење на имунолошката способност на пчелите, кои стануваат по неотпорни на болести посочува Јовчевски.

Тој беше член на македонската делегација на светскиот саем за традиционална храна „Тера Мадре салоне дел Густо”, кој се одржа од 22 до 26 септември во Торино, Италија. Јовчевски беше еден од производителите од целиот свет што официјално ја отворија манифестацијата, а имаше и презентација за традиционалното одгледување на македонската медоносна пчела во улиште.

Президиумот „МакБи”, како што информира Јовчевски, работи на зачувување на македонската медоносна пчела, која е автохтон подвид (раса).

Пчелата е под специјална законска заштита, што овозможува континуирана контрола на нејзината подвидова чистота, која може значително да биде загрозена ако се одгледуваат пчелни семејства и матици од други неавтохтони видови.

Неопходна е едукација на одгледувачите за основните морфолошки и етолошки карактеристики, потоа е потребно создавање практика на замена на матици во семејства во кои е евидентно присуството на неавтохтони видови, одгледување пчелни семејства со матици произведени од локални генотипови, како и одбирање локални генотипови за некомерцијално производство на следна генерација матици со супериорни перформанси во однос на виталноста и економски битните карактеристики, нагласува Јовчевски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close