fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Ќе се реконструира патот за Трново, кој води до Националиот парк Пелистер

Општина Битола го објави тендерот за избор на изведувач за реконструкција на локалниот пат до селото Трново. Проценетата вредност на овој проект е 24.700.000 денари.

Реконструкцијата и асфалтирањето на патот кој води преку потпелистерските села Трново и Магарово до хотелот „Молика“ и жичарницата Копанки е веста која ги израдува битолчани и вљубениците во планината и белите спортови. Со децении запоставениот патен правец, негативно влијаеше врз развојот на туризмот во овој дел од Националниот парк и Потпелистерието, особено што овие локации на Пелистер се најмногу посетувани, и во зима и во лето. На овој простор се наоѓаат и голем број сместувачки капацитети и ресторани, за што повеќе од се е потребна добра инфраструктура. За крајно лошата состојба на  патиштата кои водат до Националниот парк Пелистер пишуваше и „Зелена берза“.

Општина Битола го објави тендерот за избор на изведувач за реконструкција на локалниот пат до селото Трново. Проценетата вредност на овој проект е 24.700.000 денари.

Патот ќе се реконструира на потегот од раскрсницата за Ниже Поле, до откупната станица за млеко во селото Трново, односно до делницата до каде што е изработен колекторскиот систем за собирање на отпадните води од домаќинствата и туристичките објекти во селото. Должината на оваа делница е 2.009 метри.

-Со реконструкцијата на овој дел од патот, се заокружува една етапа од вложувањето во овој дел од Потпелистерието, односно од заложбата на оваа локална самоуправа да се добие комплетно поинаква слика во однос на зголемувањето на квалитетот на животната средина. На тој начин во Потпелистерието се отвора потенцијал за уште поголем развој на туризмот, информираат од Општина Битола.

Во потегот кај селата Трново-Магарево, веќе е изградена пречистителната станица во вредност од над 9 милиони денари, а исто така изработен е колекторски систем во должина 2.029 метри, чија вредност е близу 22 милиони денари. Колекторскиот систем во следните фази ќе ги опфати останатите делови од селата Трново и Магарево, велат од локалната власт.

Овој патен правец бара поголем зафат, проширување, банкини… за да може да се разменат и автомобили и автобуси.

Битолчани, отворено ја критикуваат состојбата на патиштата на Пелистер, особено на патниот правец кој минува низ селото Трново. Тој е тесен, со големи дупки и нерамнини, небезбеден, па еден возач треба да почека за да помине другиот, оти кривините се опасни и непрегледни. Во зима е особено голем проблемот и поради тесниот пат и поради снегот.

За овој проект издадена е градежна дозвола, а проектната документација се однесува на делницата  од клучката кај Црвени Петли до трафостаницата во селото Трново.

-На овој начин, системски се решаваат со години наталожените проблеми во Потпелистерието. Со подобрување на целосната слика за квалитетна животна средина за локалното население, за туристите, како и за голем број битолчани, расте и можноста овој дел од Пелистер да стане многу подобра туристичка дестинација, информираат од Општина Битола.

 

Пред неколку години „Македонија пат“ преку ЈПДП асфалтира дел од патот, од „Вилата на Лазо“ до пред хотел „Молика“ во должина од околу 600 метри. Со обновата на делот направено е проширување на некои места со цел да се овозможи простор за паркирање на автомобилите на посетителите. Сега со нов проект треба да се реновира од селата Трново-Магарево до „Вилата на Лазо“.

Од „Македонија пат“ најавија дека пролетта 2021, ќе се реконструира патот до ски патеката во Ниже Поле. Ќе се прави проект и за свлечиштето кај објектот „Оскар“ што води кон ски центарот „Стрежево“ на Ниже Поле. Таму треба да се направи потпорен ѕид со што ќе биде опфатено и асфалтирањето од санацијата на свлечиштето до ски центарот.

А.Блажевска

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close