fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Кој им пресуди на шеќерната репка, афионот, памукот…

Шеќерниот „инвеститор од Бугарија“ стана најгорчлив

Индустриските земјоделски култури пред целосно исчезнување од македонските полиња

Одгледувањето на индустриските култури се покажаа како најслаба алка во триесетгодишната „транзиција“ на земјоделското производство во Македонија. Освен тутунот, кој сѐ уште се одржува на македонските ниви, домашното производство на другите култури, како што се шеќерната репка, памукот или афионот, е целосно напуштено или се одгледува на мали површини, кои се користат за ограничени цели. Тоа влијаеше на зголемување на увозот на земјоделски производи, за што се одлеваат милиони девизни средства. За одржувањето на површините со индустриски култури не помогна ни одобрувањето на субвенциите што им се исплаќаа на земјоделските комбинати и индивидуални производители. Според аграрните експерти, има повеќе причини за напуштањето на овие индустриски култури, а меѓу поважните се: ниските приноси кај маслодајните култури, ниските откупни цени на индустриските култури и слободниот увоз на суровини од индустриските култури.

Шеќерниот „инвеститор од Бугарија“ стана најгорчлив

Последниот „удар“ на одгледувањето на шеќерната репка во Македонија се случи со преземањето на шеќераната во Битола од страна на бугарска фирма, која ветуваше многу при приватизацијата на единствениот преработувачки капацитет на шеќерната репка. Причините за тоа се ниските откупни цени и увозот на нерафиниран шеќер, кој потоа се користи за преработка во единствениот капацитет за шеќер.
– Рекордното производство на битолската шеќерана беше остварено во далечната 1967 година, кога беа преземени и преработени 15.000 вагони со сурова шеќерна репка. Бугарската фирма не ги исполни ветувањата дадени кон домашните земјоделци, а подоцна постави неприфатливи услови за откуп на репката. Нивните барања беа репката да не биде потешка од еден килограм и да има 18 отсто шеќерност! Практично, тоа беа нереални услови. По преземањето на фабриката, во 2002 година, се преработуваше само жолт шеќер, но набргу се напушти и тоа. Со затворањето на шеќераната останаа без работа 300 луѓе, а уште 150 лица беа ангажирани за сезонска работа. Во оваа шеќерана своето производство го предаваа сите земјоделски комбинати од земјата, а и неколку илјади индивидуални земјоделци – ни изјавија поранешните одгледувачи на шеќерна репка.
Во Пелагонија оваа култура некогаш претставуваше главен фактор во земјоделството, бидејќи вклучуваше голем број работна сила, беше корисна за сточарството, за плодоред и други бенефиции. Во 1989 година производството на шеќер било најголемо и се произвеле околу 153.000 тони. Повеќе години Македонија е целосно зависна од увоз на шеќер. Цената на произведениот шеќер е директно зависна од цената на суровината на светските берзи, од што крајно зависи и цената на шеќерот во малопродажбата. Годишно од земјава се одлеваат над 40 милиони евра за увоз на шеќер. Според земјоделските експерти, доколку се заживее производството на домашна шеќерна репка на три-четири илјади хектари, тогаш би можеле да ги задоволиме целосно домашните потреби за преработен шеќер.
Во 2010 година Министерството за земјоделство најави кампања за враќање на шеќерната репка на македонските ниви за да се добие шеќер од сопствено производство како стратегиски производ и земјоделците да добијат добри можности за заработка. Но до денес нема ниту декар со шеќерна репка. Субвенциите за засеан хектар шеќерна репка во висина од 9.000 денари не беа доволна мотивација за македонските земјоделци да ѝ се вратат на оваа култура.

Каква е состојбата со македонскиот афион?

Површините засеани со афион, кој е една од најстарите земјоделски култури што се одгледувале во Македонија, бележат тренд на намалување. Во периодот меѓу 1986 и 1996 година бил застапен на над 3.000 хектари. Во 2009 година, според статистичките податоци, биле ожнеани 618 хектари, додека во 2013 година се ожнеале само 103 хектари. Причините за намаленото производство главно лежат во трудоинтензивноста на самото производство, нискиот степен на механизираност и ниските откупни цени како на афионовата чушка, така и на семето. По барање на домашните компании што преработуваат семе од афион за производство на цедено масло, има зголемено интересирање за одгледување на оваа индустриска култура. Поради ширењето на употребата на опојни дроги, кај нас уште од 1973 година со закон е забрането засекувањето на афионовите чушки за добивање опиум. Во сегашниот период во фармацевтската индустрија со посебна индустриска постапка се врши екстракција на алкалоидите од зрелите и суви чушки што остануваат по вадењето на семето. Откуп на афион (афионови чушки) за производство на опојни дроги може да вршат правни лица што имаат одобрение и се регистрирани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Производството на афион е регулирано со посебен закон и правилник.

https://novamakedonija.com.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close