Контролирано ниско ниво на Езерото „Лисиче“

(Oвој напис е објавен на: March 3, 2017)

kontrolirano nisko nivo na ezeroto lisiche

Велес – Водата во вештачката акумулација „Лисиче“ есенва е на ниско ниво. Минувачите кои биле во изминатиот период во овој предел на Велешко се изненадени од нискиот водостој на езерото. Тие стравуваат дека тоа може да се одрази на водоснабдувањето на градот со вода за пиење, но и на полевањето на околните земјоделски површини.

Но, од ЈПВ „Лисиче“ објаснуваат дека водостојот на езерото е низок и оти е тоа контролирано и е оптимално за овој период.

„Оптимално полнење подразбира да ја полниме акумулацијата така што во овој момент имаме на располагање слободен акумулациски простор кој може да прифати 12 милиони кубни метри вода, а се испуштаат околу 3,5 кубни метри во секунда во реката Тополка. Со секојдневното следење на дотокот на река Тополка успеваме да се справиме со предизвик од прелевање, така што дозираме соодветно и навремено испуштање на вода од акумулацијата“, изјави Бобан Пановски директор на ЈВП „Лисиче“.

Како прилог на оваа нивна политика е фактот дека во изминативе години, кога речиси секаде имаше поплави со значителни штети по земјоделските површини и останатата инфраструктура, браната „Лисиче“ ја одигра улогата на заштита од поплави. Токму од оваа причина менаџментот и стручната служба во претпријатието настојуваа и досега успеваа да не дозволат акумулацијата да се преполни и да почне да прелива.

„Со нашите севкупни активности можеме да гарантираме дека нема да има појава на преливни води, односно да се случат несакани последици по земјоделските површини и инфраструктурата по текот на реката Тополка, но и да акумулираме доволни количини вода за пиење за градот Велес, како и за полевање на земјоделските површини во претстојната сезона“, додава Пановски.

Тој потсетува дека со ваквата политика Велес нема проблеми со водоснабдување, плус се полеваат илјада хектари земјоделски површини, а неколку години немало поплави по течението на Тополка. Езерото собира 23 милиони кубици вода од 97 квадратни километри сливно подрачје и се полни од Тополка и Врановска Река. За разлика од нивото на езерото „Лисиче“, езерото „Младост“, близу Велес две години континуирано е со висок водостој, а се случува и да се прелева.