fbpx
ВестиТоп вести

„Силата на баба“ најзаслужна за чување на традицијата

Традицијата е белег на една култура во едно време. Белег на кој се темелат корените на еден народ. Навиките се менуваат но традицијата е таа што трае и се пренесува од колено на колено. Организацијата на жени „Силата на баба“ од с. Новаци со своите членки и  своите активности се грижи традицијата да ја презентираат и да ја зачуваат.

– Вкупно  сме 28 жени, за сега само од Новаци, но планираме да се прошириме и во целата општина. Просторот во пензионерскиот клуб сметавме дека е идеален за да го реализираме она што го имаме испланирано. Доаѓаме овде и се дружиме. Запоставено е комшиското дружење со кафе муабет пред куќа, како некогаш, па затоа  одлучив да ја формирам женската организација „Силата на баба“, вели Верка Котевска, претседател на организацијата.

Иако жените имаат обврски по своите земјоделски стопанства, сепак наоѓаат време и секоја недела во одредено време се сретнуваат во пензионерскиот клуб, каде муабетат со кафе, вода, сокче а може и ракија и вино. Се дружат, разменуваат искуства и се договараа,т што и како да прават во периодот што следи?  Животот и навиките се многу променети, објаснува Верка. Вели дека селскиот живот повеќе наликува на градски. Жените помалку се вклучени во земјоделските работи. Некои се вработени во државни или приватни фирми. Можеби малку тутун или мала работа во бавчите колку за домашни потреби, но затоа пак месат, готват и се грижат за своите семејства.

-Навиките на жените се поблизу до оние на градските отколку руралните жени. Овде животот наликува на урбана средина. Има убави куќи со средени дворови. Овде  има спој на старото со модерното. Можеби општина Новаци е единствената во државата, каде нема иселување,  посочува Верка. Ние како организација се обидуваме колку што можеме да го сочуваме старото. Не ги занемаривме зелниците и мазниците, питулиците, крофните, покрај тортите и другите модерни производи.  Секоја  слава  или друга домашна веселба  не може да се замисли  без месени кифли, зелник и мазник.

„Силата на баба“ се обидува онаа традиција што се негува во Новаци и околината, да ја промовира и презентира, на манифестации и други  активности што се одржуваат не само во нашата држава туку и надвор од тие граници.

Неодамна на една таква манифестација  во Пробиштип, Верка го освои првото место во месење зелник. Пред бројна публика и во голема конкуренција  Верка успеала, да го подобри и својот личен рекорд во сучење мазник кој изнесува  10 минути. Во разговорот со Зелена берза Верка ни го откри рецептот за традиционален зелник:

-600гр. Брашно,

-250мл млака вода,

-еден квасец

-малку сол и шеќер,

-250 мл масло за попрскување

-спанаќ, штаве, праз , сирење или изварка  се става по желба.

Можи да се употреби сало или маргарин за пресукување на корите.

Откако ќе се замеси тестото се остава малку да одмори. Се дели на три дела од кои се сучат три кори од кои првата најголема. Треба да биде поголема од плехот во кој ќе се печи. За да биде зелникот лиснат, корите се сучат премачкуваат со масло или маргарин и се оставаат да одморат десеттина минути во фрижидер. Кога првата кора ќе се исучи  се става во плехот, се попрскува со масло и над неа се става втората исучена кора. Повторно се попрскува со масло и се става зајре по желба. Над него се става третата кора насобрана и се прават витките. Се попрскува повторно со масло и може да се посипе со малку сусам. Се остава повторно да одмори и се печи во загреана рерна околу 20-25 минути.

За квалитетот на зелникот многу е важна вештината на жената, завршува со своето објаснување на рецептот Верка Котевска.

Верка посочува дека сите жени во организацијата се вешти. Некоја за зелник, друга за мазник, трета за колачиња итн. Се надополнуваат и на крајот резултатот е одличен. Тоа го докажале на многу манифестации на кои учествувале  и ја презентирале традиционалната трпеза од с.Новаци. Често нивните производи може да се најдат на хуманитарни акции, но и да пречекаат високи државни делегации од странство кои дошле во посета на  општина Новаци. Верка со радост објаснува дека имаат одлична соработка со локалната власт како со претходната, така и со сегашната власт. „Силата на баба“ ја промовира старата традиција, а општина Новаци за возврат им помага во финансиска или друга помош која им е потребна  за да продолжат со оваа мисија не само во нашата држава туку и во странство.

Павлина Јовановска

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close