fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Битолчани ги затворија парите во скапи станови, за квадрат плаќаат и по 1.350 евра

Познавачите на приликите велат дека цените на становите се вештачки напумпани и дека реално по сите пресметки метар квадратен треба да биде до 700 евра

БИТОЛА – Неверојатно високи цени за метар квадратен достигнаа новите станбени згради во Битола кои се градат во населбата Златен рид и на локации низ централното градско подрачје. Цените за метар квадратен нова станбена површина се движат од 1.300 до 1.600 евра, исто како во одредени градски населби во Скопје, објави https://nezavisen.mk/

Новите градби „од земја“, односно од самиот почеток на градбата, што викаат градежниците достигнаа цена од 1.300 до 1.350 во старата касарна, а пред две години новите градби држеа највисока цена до 830 евра м2. Познавачите на состојбите велат дека граѓаните наместо во банка, заштедите ги вложија во нови станови.

Во последниот период, нови невселени станови се препродаваат по неверојатна цена од 1.600 евра за квадрат во новите кули близу улицата „Партизанска“ во Битола.

Старите станови во централното градско подрачје достигнаа цена до 1.000 евра за метар квадратен, иако во нив има многу да се вложува за реновирање. Цените на индивидуалните куќи се пониски и се движат од 500 до 800 евра за м2, но нема интерес за куќите.

Геодетскиот инженер Борче Стојановски од агенцијата „Гео Балкан“ објаснува дека покачувањето на цената на становите се должи на еден тренд кој се провлекува по корона кризата, кога добар дел од граѓаните своите заштеди ги вложија во недвижности. Во исто време поскапеа и градежните материјали, што е светски тренд, но конкретно во Битола сѐ потешко се наоѓаат добри градежни мајстори. Со отворањето на странските индустриски капацитети во Пелагонискиот регион, добар дел од мајсторите се вработија во фабриките во Битола и Прилеп, а дел се отселија во странство. Целокупниот амбиент потпомогна за покачување на цените на становите за повеќе од 50 проценти од пред кризата.

„Становите во градба во новата населба во касарната, веќе имаат цена од 1.300 до 1.350 евра од м2. Фактот што добар дел од граѓаните заштедите ги вложија во недвижности ги покачи цените на становите во градба и на новите станови. Од друга страна, немаме градежници, немаме плочкари. За пример, плочкарите земаа по 10 евра од м2, а сега бараат 15 евра, исто како во Лерин, Грција. За секоја извршена работа и услуга во градежништвото имаме двојно повисока цена. Ова е тренд не само кај нас, туку и на Балканот, исто е и во Црна Гора и во Хрватска, колку што ги следам состојбите за споредба“, вели Стојановски во изјава за „Независен“.

Познавачите на приликите со недвижности, објаснуваат дека самите фирми што се занимаваат со градби го испитуваат пазарот до каде можат да ги подигнат цените, па во овој момент има нови станови во Битола кои се препродаваат од првиот купец, за цена од 1.600 евра за квадрат.

„Со вакви цени се обидуваат да го навикнат увото на потенцијалниот купувач дека и од скапото има поскапо, па полесно да се одлучат за цените во градба“, вели наш соговорник.

Новиот комплекс на згради во поранешната касарна за битолчани наликува како град во град. Таму се гради интензивно во последните десет години и е најатрактивен дел од Битола за вложување.

Наш соговорник сопственик на агенција за недвижности вели дека, реалната цена на м2 станбена зграда во Битола по сите пресметки треба да биде до 700 евра, а не двојно поскапо. Тој вели дека 35 проценти од цената на м2 е всушност цената на земјиштето што го платил градежникот, а во старата касарна парцелите се продаваа и за багателни цени од 1 евра за м2. Што според него, значи дека од новите градби најмногу ќаруваат оние што се сопственици на земјиштето и што градат на своја парцела.

„Проблемот со високите цени на новите станови е во земјиштето, оној што го има земјиштето учествува со една третина од цената во м2. После тоа се редат трошоците за проектот, материјали и градежници… реално цените се напумпани“, вели наш соговорник.

Битолчани со кои разговараме веруваат дека ако државата гради повеќе комерцијални згради по помалите градови тоа ќе ја „урне“ цената на м2 и кај приватните градежници.

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргиев, за „Независен“ потврдува дека во Битола во атрактивната населба Златен рид ќе се гради комерцијална државна станбена зграда. Таа ќе се наоѓа зад Биотехничкиот факултет во Битола и во овој момент нема пресметка колку би чинел метар квадратен во новиот станбен објект, но според него има намалување на цените на градежните материјали.

„На локација во касарната ќе градиме нова комерцијална зграда. Во тек е постапка за јавна набавка за градба која се очекува да заврши за скоро. Цената на продажба засега не се знае, но во последниот период има намалување на цените на градежните материјали“, најавува Ѓоргијев.

Во Битола, понови, државни комерцијални згради имаме во населбата Довлеџик градени пред околу две децении. Последните социјални згради, пак,  се изградени 2012-2013 година во Брусничка населбата.

Битолчани не веруваат дека државните станови за комерцијална продажба ќе ја намалат цената на приватните градежни фирми, туку, напротив, дека со висината на квадратен метар ќе се оди во чекор со цената на становите во Скопје.

Автор Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close