fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

„Напредни лозари”: Да се најде решение за намалување на трошоците на земјоделците

Да се изнајде можност за бесцарински извоз на грозјето и решение за намалување на трошоците на земјоделците, бара регионалното здружение „Напредни лозари” од Министерството за земјоделство и Владата.

Управниот одбор на здружението вчера одржал состанок и донел неколку одлуки чија цел е подобрување на состојбата во лозарството.

-Состојбата се усложнува, пред се поради големиот раст на цените на енергенсите, а особено на дизел горивото како основно гориво во земјоделството, што во голема мерка го обременува производството. УО на „Напредни Лозари” одлучи, на закажаниот состанок со министерот и неговиот тим, јасно да се посочи дека ваквата ситуација во државата никако не смее да се претвори во изговор за „пренасочување” на фокусот на нивните активности. Со растот на економската криза растат и проблемите во лозарството, посочија од Здружението.

Се бара, како што велат од „Напредни лозари”, и итна исплата на заостанатите субвенции.

– По ова прашање Здружението ќе спроведе интернет-анкета со лозарите и ориентирно ќе го утврди бројот на лозари на кои не им се исплатени субвенциите. Анкетата ќе се спроведе веднаш по состанокот доколку од МЗШВ, Подрачната единица и Платежната агенција не се добие точен податок за неисплатените субвенции, соопштија од „Напредни лозари”.

Според нив, треба да се изнајде механизам и начин да се сопре монополскиот однос на големите преработувачи и откупувачи на грозје, како и нивното влијание врз формирањето на цените.

-Предлагаме и нов закон, закон за лозарство, во кој ќе биде потенцирана токму заштитата од монополскиот однос и формирање на цените за откуп. Да се прекине со уцените од страна на дел од преработувачите на грозје, лозарите за да предадат грозје во нивните капацитети, да мораат да купуваат препарати од нив по мошне повисоки цени, во однос на цените во земјоделските аптеки. Министерот да нé информира за судбината на винарската визба ,,Повардарие” и другите преработувачки капацитети на грозје во стечај, како и за можноста дел од нив да дојдат во рацете на лозарите. Ќе се потенцира и судбината на долго најавуваната дестилерија од страна на градоначалникот на Кавадарци, наведуваат од Здружението.

Повикуваат и да се контактираат амбасадите од соседните држави и да се бара можност за безцарински извоз на грозјето, како една од мерките против монополот на големите преработувачи и откупувачи, како и да се поедностават процедурите за ваков извоз, особено издавањето на дозволи, а по можност со билатерални договори, дозволите да се укинат.

-На покана на Здружението „Независни тутунари” од Прилеп, претставници на „Напредни Лозари” ќе учествуваат на состанокот утре во Прилеп, на кој ќе присуствуваат претставници од повеќе земјоделски здруженија. Главна точка на дневен ред е енормното поскапување на дизел горивото и штетните последици по земјоделците од ваквото поскапување. Ќе се бара начин да се елиминираат ваквите штети, пред се со потези кои ќе треба да ги повлече Владата, како што се намалување на акцизата, или пак дополнително субвенционирање на трошоците на земјоделците по основ гориво, информираа од ова регионално здружение.

Оттаму се децидни дека е дефиниран сет на активности што ќе почне да ги спроведува ако најавениот состанок со министерот за земјоделство не се случи и доколку решавањето на проблемите почне да се одолговлекува.

-Овој сет опфаќа активности од организирање предупредувачки протест до радикализирање на барањата, соопштија од „Напредни лозари”. /МИА

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close