fbpx
ВестиМакедонија

Од денес без маски на отворено, со публика на натпреварите и свадби до 100 гости

Продолжува да важи мерката за полициски час до 15 јуни 2021 година.

Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.

 

Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, кои вчера беа прифатени од Главниот координативен ковид-19 кризен штаб на Владата. Тие треба да важат од денеска. Владината прес-служба соопшти дека Штабот ги разгледал и потврдил препораките на Комисијата и ги предлага на конечно усвојување на денешната Владина седница.

 

 

 

Препораките се прифатени по исцрпна дискусија и имајќи ја предвид поволната епидемиолошка состојба со ковид-19 во државата сега, која се карактеризира со намалување на 14-дневна инциденца (бројот на новонастанати случаи) на позитивни случаи, намалување на позитивни тестови за ковид-19 во однос на вкупен број тестирани лица, намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.

За олабавување на сегашните рестриктивни мерки, предложени се седум препораки – укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.

Натаму, присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување растојание помеѓу посетителите од 1,5 – до 2 метра (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од ковид-19. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица.

Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив. Присуство на музичари е дозволено само при организирање свадби, а согласно соодветен протокол. Натаму, се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата на масата, а се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина.

Продолжува да важи мерката за полициски час до 15 јуни 2021 година.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close