Откупот на јаболка тече непречено, откупени 20.000 тони индустриско јаболко за само еден месец

(Oвој напис е објавен на: November 19, 2018)

Со цел производителите на јаболка да имаат рентабилно производство, Владата воведе нова интервентна субвенција за производителите на јаболка. Конкретно, производителите на јаболка кои го предаваат своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, добиваат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка.

Во период од носење на мерката, односно 12 октомври, до денес се откупени 20.000 тони јаболка. Ова докажува дека мерките на Владата и МЗШВ даваат реални резултати и вистински им помагаат на земјоделците.

Интервентната мерка за извоз на јаболка ќе биде активна до 25 декември. Според проценките на МЗШВ, дотогаш би се откупиле и субвенционирале околу 50.000 тони јаболка.

Владата ја донесе оваа одлука со цел да им се излезе во пресерет на производителите на јаболка особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди, поради што има оштетување на родот што директно влијае на економската вредност на јаболкото.

Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, изминатиот период презема серија мерки за развој на овоштарството, вклучително и на производството на јаболка.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал.  Субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје е зголемена од 2 на 3 денари за килограм.

Паралелно, МЗШВ заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој работи на создавање на услови за ефикасна искористеност на мерките од ИПАРД 2 Програмата, кои вклучуваат инвестиции во преработувачки капацитети. Токму инвестирањето во преработувачките капацитети е важно за сигурен и непречен откуп на јаболката и заокружување на производството со финални производи со поголем адодаена вредност.

Само за еден повик за ИПАРД 2 во кои спаѓаат и мерките за преработувачки капацитети има склучено 940 договори со вредност од 17,6 милиони евра.


 

mzsv

Share Button