Откупот на тутунот привршува, просечната цена 217 денари

tutun

Досега се откупени 23.100 тони тутун со просечна цена од 217 денари за килограм.

Откупот на тутунот во Прилепско е при крај. Досега се откупени 23.100 тони тутун со просечна цена од 217 денари за килограм, соопшти Државниот земјоделски инспекторат.

Кон осумте откупувачи се придружува и новолиценцираната грчка компанија „Мисиријан“ која ќе почне да склучува договори за следната реколта.

– Нема никаков проблем во досегашниот тек на откупната кампања. Останаа да се преземат уште околу 1.000 тони што може да се заврши за 10-ина дена. Сепак, компаниите мора да имаат отворени пунктови до 15 март, кога законски завршува рокот на откупот, рече Станкоски, додавајќи дека годинава тутун откупуваа осум од деветте компнии. Договорените количества на „Центро Табак“ ги презедоа другите откупувачи – изјави директорот на Инспекторатот Јане Станкоски.

И од Сојузот на тутунските здруженија немаат забелешки на текот на откупот, ниту на постигнатата цена, а исплатата се одвива, велат, перманентно.

Тутунарите се подготвуваат за новата реколта за што наскоро во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе почне издавањето евидентни листови за новото производство, а има уште еден нов регистриран откупувач. Тутунарите ќе преговараат и за подобри услови во новите договори.

– Очекуваме по први февруари да почне издавањето евидентни листови за новата реколта тутун за што постои голем интерес кај тутунарите кои добро поминаа со откупот на ланскиот род. Кон осумте откупувачи им се придружува и новолиценцираната грчка компанија „Мисиријан“ која ќе почне да склучува договори. Пред потпишувањето на договорите ќе разговараме и ќе преговараме со компаниите за подобри услови: поголеми цени и намалување на разликата меѓу класите – изјави Кире Неделкоски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.


 

плусинфо.мк

Share Button