fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Поради нискиот стандард се помалку еколошки производи на тетовскиот зелен пазар

На тетовскиот зелен пазар од понеделник до недела можете да најдете народски кажано од пиле млеко. Но тие што сакаат да купат еколошки производ го посетуваат пазарот во четврток, кога традиционално во градот под Шара е пазарен ден.

 

На тротоарите пред влезот на пазарот во неколку кеси и дрвени гајби селаните од тетовските села ги нудат своите производи. Во овој период од годината и нема многу избор, но лукче, природни чаеви, домашни јајца, везени пиперки, домашно брашно, магдонос, морков се неизбежен декор на импровизираниот пазар каде се продаваат домашните производи.

Тука може да најдете луѓе кои продаваат производи од тетовските села, но и од цела Македонија. Една од нив е и Кирјана Стојановска од село Лозово велешко, која доаѓа најмногу како што вели да продава бадеми, но и анасон за произведуавње на мастика.

-Ова е се наше. Семки, лук бадеми, ореви, имам бадемарник свој. Тука во Тетово одат бадеми, ова се еколошки производи, ние ништо не прскаме. Само лукот мора еднаш да се испрска дека црв го јаде. Тој што се продава лукот индиски тој се познава бел е многу, во најлон се чува без опашка. Ние им објаснуваме на муштериите дека се здрави прозводите. Ние произведуваме и анасон од ова се прави мастика, порано се плаќаа субвенции но сега ни ги намалија субвенциите за производство на анасон, рече Кирјана Стојановска од село Лозово.

Селаните кои продаваат домашни производи пред тетовскиот пазар се едвај десетина. Велат дека отселувањето си го прави своето. Никој не сака да се занимава со земјоделие, затоа и овошјето и зеленчукот се произведува комерцијално во поголеми количини што значи секој производ се прска да има поголема произвдоство, но и повеќе да издржи. Благодарни се како што велат што луѓето се уште ги препознаваат нивните здрави производи.

-Што да ви кажам луѓето не познаваат, ние произведуваме наши производи еколошки. Јас продавам од се помалку магдонос, лук,  кромид, морков, цвекло, пиперки и брашно, значи од се помалку. Порано се произведувало повеќе, но сега како што гледате младите ги напуштаат домовите и се помалку има на село млади и затоа земјоделието се запоставува. Овие производи се произведуваат под земја и не прскаме, а земјата кај нас не е загадена. Затоа и во мали количини произведуваме, за да можеме да постигнеме. Ние брашното сами го произведуваме, го носиме во воденица и во воденица на камен се прави, го сеам дома и го давам како готов проивод. Во Теарце има воденица, и кај нас во село имаше, ама тој човекот почина воденичарот. Ретки се тие кои произведуваат брашно природно, ама еве се уште има каде да се направи и луѓето ја купуваат, рече Стојче Михајловски од село Доброште.

 Дел од селаните се почесто се откажуваат да произведуваат еколошки производи ,затоа што населението поради немаштија се помалку го интересира дали производот е здрав, најважно е тој да биде евтин.

-Па моментално продавам чаеви од чиста средина и имам јаболков оцет и ораси. Муштериите не познаваат и пазаруваат кај нас, но сега чајот помалку се троши, луѓево купуваат чаеви во аптеки. Јас го собирам чајот во околината на Македонски Брод во поречието, ама во последно време многу слабо одат луѓе по чаеви, но и по други работи кои ги дава природата, дека патот е многу лош особено ако сезоната е врнежлива. Еден сат време одам пешки до местото каде што треба да наберам, дека патот е непристапен. Има тука и природно овошје. Овде е стандардот лош, нема пари народ и не го интересира народот дали е еколошки производот и тој се определува за нешто што е поефтино, рече Трене Стојковски од тетовското село Фалише.

Голем дел од еколошките природни производ на Шар Планина исто така се неискористени, како дивите јагоди, боровинката и природните чаеви кои ги има во изоболство од рана пролет до доцна есен.

Зоран Димовски

Слични написи

Back to top button
Close